Во јануари 2018 годдина до парламентот ќе бидат доставени два предлог анекси на договорот за изградба на автопатот Охрид – Кичево. Тие опфаќаат изградба на 8 клучки, помошни патишта, нови премери и трасирање на места каде се неопходни измени на трасата заради грешки и конфигурацијата на теренот и други инфраструктурни зафати кои ги нема во проектот. Со анексите ќе се прецизира и рокот на изградба на автопатот кој според првичните најави требаше да биде пуштен во употреба во февруари 2018 година. Новиот рок е 2021 година.

Со анексите на Договорот за изградба се зголемува и цената на овој капитален инфраструктурен проект кој до сега се проценува дека чини 411 милиони евра, што е над 10 проценти повеќе од проектираната вредност. Колку точно ќе чини изградбата на 56 километри долгата делница од Охрид до Кичево засега не се соопштува.

Според најавите, градежните работи на автопатот поради зимата ќе бидат времено стопирани и ќе продолжат на пролет. Во меѓувреме продолжува протестот на стотината работници на подизведувачот Трансмет ангажирани на делница од автопатот кај Кичево, поради неисплатени примања.

OhridNews