Второто издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ ги надмина очекувањата на организаторите, а убавите впечатоци и позитивни реакции од учесниците кои ја надминаа бројката од 1000 покажуваат дека Охрид како град има со што да се гордее.

Еден од учесниците на „Охрид трчаТ“, Игор Јакимоски кој е голем вљубеник во трчањето и атлетиката и редовен учесник на сите манифестации не штедеше зборови за второто издание на „Охрид трчаТ“.

– Во секој момент и во секое време јас сум подготвен да придонесам и помогнам, дали е тоа со мое учество на трка, изјава, препорака или било што се со една цел трчањето кое е дел од атлетиката во Македонија да добие третман каков што доби на Охрид трчаТ. Настанот беше организиран професионално на високо ниво, а мене лично ме израдува љубовта и пасијата која ја видов кај сите протагонисти на улиците низ Охрид. Со успешното организирање на манифестацијата Охрид покажа и докажа дека како град сака да има своја заштитна трка и традиција која од година во година ќе се негува. – изјави Јакимоски.

Тој и минатата година и оваа година испрати искрена препорака до организаторите, кои, поставија високо скалило за организирање на спортски манифестации во Охрид. -Верувајте, секој настан исполнет со масовност има мана и мора да има за да може организираторот да напредува, но јас и мојот тим како учесници не би имале право да бараме право на мана на „Охрид трчаТ“, бидејќи тоа би било да бараме игла во сено. Единствена моја препорака после трката беше да се поместат стартовите од 5 и 10 километарската трка, затоа што во еден момент од трката настана мешаница. Ние како тркачи ги разбираме рекреативците и ги поддржуваме, но ние бркаме резултат, пласман погоре и мешаницата нам воопшто не ни оди во прилог.

Милош Ранчиќ втор пат по ред на професионалната трка на 10 километри се закити со сребрен медал, но оваа година имаше подобро време од 57 секунди за разлика од минатата година.

– Со одбраната на второто место на Охрид трчат покажав дека сум во добра форма и дека правилно тренирав. Победникот од Кенија наметна силно темпо од почеток и додека имав сила го пратев, но потоа тој додаде сила и ми избега. Предностите на Охрид трчаТ се трчањето покрај кејот и стариот дел од градот иако таа една од најтешките делници во патеката. Убаво е што констатно се трча низ градот и воопшто не недостасува публика или живост. Во глобала се согласувам со препораките на Игор и ветуваме дека следната година ќе се подготвам да го нападнам првото место на пиедесталот на Атлетскиот викенд во Охрид. – истакна Ранчиќ.

Спортската манифестација „Охрид трчаТ“ беше емитувана во живо, а Охрид на градскиот плоштад пулсираше во ритамот на атлетиката и музиката.

Мх.П.