Проектот Ohrid running weekend на атлеткиот клуб Охрид трчаТ со кој се афирмира и промовира регионалната соработка и поддршка е еден од четирите проекти од Македонија кои се подджани од Фондот на Западен Балкан (Western Balkan Fund). Фондот на Западен Балкан (Western Balkan Fund) е меѓународна организација за регионалната соработка со седиште во Тирина, Албанија основана од владите на договорните страни (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија).

За соработката помеѓу Охрид трчаТ и WFB, разговаравме со програмскиот и финансискиот менаџер Марио Рингот. Тој ни откри што значи WFB, која е целта и како се задоволни од досегашната работа на релација WFB – Охрид трчаТ.

OhridNews: Што значи WBF?

Марио Рингов: Неговото основање, како инклузивна и регионална иницијатива, се гледа како јасен знак за нов дух на соработка на Балканот. Во својата трета година од постоењето, WBF директно и стратешки придонесува за зајакнување и унапредување на регионалната соработка, a поради својата институционална природа, управувана и финансирана од нејзините основачи, WBF ги отелотворува вредностите на регионалното заедништво, дејствувајќи како мост помеѓу владите, граѓанското општество и граѓаните во регионот, поддржувајки иницијативи на засегнати страни во социјалниот, образовниот, културниот, научниот и економскиот сектор.

Марио Рингов, програмски и финансиски менаџер во WFB.

OhridNews: Што е целта на WBF?

Марио Рингов: Целта на Фондот е да промовира заеднички вредности меѓу граѓаните, граѓанските организации и институциите во регионот, вклучително и зајакнување на меѓусебната соработка и директните контакти меѓу луѓето од Западен Балкан.

Мисијата на фондот е да промовира:
• Развој на блиска соработка и зајакнување на врските меѓу договорните страни на Западен Балкан;
• Интеграција на договорните страни во Европската унија;
• Заедничка презентација на договорните страни на WBF пред трети земји.

OhridNews:Охрид трчаТ ја има Вашата поддршка, како и зошто го одбравте?

Марио Рингов: Проектот Охрид трчаТ, беше еден од 56-те проекти кои пристигнаа од партнерства каде водечки партнер, односно лидери на проектот доаѓаат од Северна Македонија. Генерално, заклучок на експертите-евалуатори е дека граѓанските организации, апликанти од Северна Македонија се добро подготвени, доставуваат солидни апликации и имаат добро воспоставена регионална мрежа, што само по себе претставува голем предизвик за експертите, да ја препознаат и изберат правата иницијатива која значително влијае во имплементацијата на стратешките интереси на Фондот, но и на регионот, односно, иницијатива која влијае на развојот на соработка и зајакнување на врските на Западен Балкан и заедничка презентација на регионот пред Трети земји. 

Натпреварувачкиот карактер на проектот овозможува голема видливост за партнерите но и за WBF, додека пак едукативниот аспект на активнoстите за време на Охрид трча викендот, планирани да се реализирааат преку паралелни работилници, претставува одличен начин за зголемена одржливост активноста, а воедно и добра пракса која би сакале да прерасне во регионална иницијатива, регионален маратон во иднина.

OhridNews: Како оди соработката и што очекувате од Охрид трчаТ?

Марио Рингов: Тимот на Охрид Трчат, заедно со партнерите од Албанија и Босна и Херцеговина, одлично ја извршуваат својата работа и досега ревносно ги исполнуваат одредбите од договорот. 
Морам да напоменам дека големото искуство на тимот од Охрид кој го води проектот е од посебно  значење во процесот. Од особена важност и интерес за нас во WBF е посветеноста на грантистите во овозможувањето на безбедни услови за имплементација на активностите од проектот и за сите учесници на настанот, согласно сите заштитни препораки и протоколи, што се надевам, ќе резултира со еден добро организиран маратон, кој ќе придонесе за промоција на Охрид, но и за промоција на важноста на регионалната соработка и иницијативите од ваков тип на Балканот но и пошироко. 

OhridNews: Што е следно за WBF?

Марио Рингов: Наш приоритет е да имаме континуитет во нашата работа, особено во оваа тешка и до сега не видена ситуација со СОВИД-19 вирусот, која секако имаше свое влијание и на нас, но и врз поддршката и соработката во регионот. Очекуваме успешно спроведување на проектите финансирани со 3-от повик и да се подготвиме за претстојниот 4-ти повик, кој е планирано да се објави во последниот квартал на 2020 година. 

Заедно со нашите партнери се обидуваме да најдеме начини да ги прилагодиме регионалните иницијативи на моменталната состојба и да ги исполниме целите на иницијативата на Фондот но и да ги прошириме, а со тоа и да го зголемиме влијанието на организацијата во иднина. 

Паралелно, вреди да се напомене дека WBF како организација расте и се развива. Веќе поставивме стратешка ориентација за среднорочната поддршка на регионот и работиме на имплементирање на можности со цел да ја прошириме нашата поддршка и да достигнеме до поголем број проекти и иницијативи. Ако се се одвива добро во процесот, регионот Западен Балкан може да очекува по фокусирана работа на WBF во наредниот период, а и зголемена финансиска и техничка поддршка на граѓанските организации и други не – профитни организации или / и институции. 

Да се надеваме дека ситуацијата со вирусот ќе се реши наскоро, а со тоа и пристапот и апсорпцијата до очекуваната зголемена и насочена финансиска и техничка поддршка ќе биде на располагање на регионот! 

OhridNews: Дали да го очекуваме Вашиот тим на Охрид трчаТ како едни од учесниците?

Марио Рингов: Секако, тимот на WBF прави напори да земе активно учество во активностите кои ги поддржува, а конкретно во случајот со проектот Охрид Трчат, дел од вработените ќе земат учество на рекреативната трка и ќе уживаат заедно со учесниците во секогаш убавиот Охрид.  

Четвртото издание на Охрид трчаТ ќе се одржи од 28 до 30 август. Годинава најголемата спортска манифестација во Охрид е збогатена со полумаратон (21 километар) кој ќе ги донесе најдобрите тркачи од Балканот.

OhridNews