Секоја генерации има своја битка. Пред 79 години тоа било битката за ослободување на Охрид од фашизмот, денес борбата е за подобар живот, подобро општество, успех и создавање вредности кои глобално ќе бидат препознаени. Во време на светска конкуренција и немилосрдни социјални мрежи глобално да се успее од место како Охрид е исклучително тешко, но не и невозможно.

Пример за тоа е џез и фанк музичарот Владимир Четкар, чија музика се врти на светските радио станици, а неговите настапи ги освојуваат фановите на сите меридијани. Така беше и неодамна на турнејата на Четкар во Јужна Кореја, после која следи нов албум. Во разговор за Охридњуз тој открива интересни моменти од настапот на далечниот исток, а зборуваме и за вредностите и културата на тамошните народи од кои, како што истакнува тој, можеме многу да научиме. Ни недостигаат борба и дела, посочува Четкар во празничното интервју за нашиот портал.

Најголема инпирација и ќеиф ми е кога ќе правам ретроспектива на сите работи со мои драги охриѓани и дома во Охрид, бидејќи тој сон тука започна во Охрид, вели Четкар.

Токму и на тие работи мислев кога бев во Кореја, како се се случило не преку ноќ, туку со години посветена работа, дисциплина и никогаш не сум се согласил да одам по линија на помал отпор, туку на некој начин со главата во ѕид и на крај се оставруваат тие соништа. Во Јужна Кореја на најзначајниот џез фестивал не само во Кореја туку и во целиот тој регион, како единствен претставник од Југоисточна Европа, ја делев сцената со некои од најголемите светски ѕвезди. Бев горд и среќен дека можело и покрај сите препреки кои ги имаме да се постигне нешто доколку имаш еден врвен продукт, бенд и енергија, бидејќи тоа е тоа што не носи. Не не носат врски, пријатели, позадина некаква, туку искреноста и вербата во уметноста. Не мора секогаш како уметници да чекаме помош, која нормално е добредојдена, но не треба да биде пресудна. Треба да имаме верба во своето дело и занает.

Сите народи, вели, имаат убава традиција, но ние некако се оддалечивме од неа, посочувајќи дека во Јужна Кореја луѓето паралелно прифаќаат се што е светски и истовремено си ја негуваат својата култура и не ги забораваат вредностите.

Токму тоа би посакал нас да ни се случи, посебно нас како охриѓани и генерално Македонците. Охрид да го усмериме, да го избалансираме, бидејќи е светско наследство. И мислам дека ако направиме симбиоза на тоа што го имаме, тоа што било традиција и ја прифатиме оваа отвореност која ја имаат луѓето како Корејците, Јапонците со љубов ќе изградиме нешто. Не е само да се жалиме, малку да покажеме повеќе сила. Нас ни недостига една борба каде би победиле правите вредности и ќе ни дадат крила за нешто што го бараме надвор, а ќе го живееме тука.

Вели дигиталната технологија и социјалните мрежи иако на некој начин го отворија светот, истовреме не направија да се чувствуваме како да живееме со аватарот кој не претставува на некоја непостоечка платформа.

Еден карактер сме во живо, а на платформите друго. Социјалните мрежи треба да се на некој начин рефлексија на нашето живеење.

Со голем ентузијазам и позитивна енергија најавува дека ќе се реализираат некои теми кои ги имал напишано како тинејџер со поинакви и пораскошни аранжмани, течат подготовките и тековните активности за албумот, но и бројните настапи низ светот.

Сега тие композииции и текстови ќе ги реализирам во новиот албум кој го дозавршувам во декември- јануари во Америка. Пред тоа имам погуст распоред на настапи. На 11 ноември имам концерт во Унгарија, потоа заминувам за Чикаго каде имам концерт на 1 декември. Од 2-4 декември ми се снимањата за албумот во студиото во Чикаго, по што следуваат настапи на 15 декември во Њујорк, на 12-13 јануари во Охајо, 24 јануари во Сан Франциско и 25 јануари во Детроит. Во меѓувреме се снимањата за албумот. Во Охрид сум, но многу дисциплинирано работам за албумот.

Во продолжение проследете го целосното интервју со џез и фанк музичарот Владимир Четкар.

Г.М.