Во Македонија има околу четириесеттина возрасни единки на Балкански рис, а на Балканот вкупно не повеќе од педесетина. Во НП Галичица со помош на фото замка е забележан еден рис, но истиот пред година дена отпатува на друга планина и сеуште незнаеме дали се има вратено назад, вели Диме Меловски, вработен во Македонското еколошко друштво на Патувачката изложба на фотографии од Балканскиот рис која од денес е поставена во Културниот центар КУЛТ од Охрид.
Дали рисот се вратил назад незнаеме, работиме заедно со НП Галичица со методот на фотозамки за да го откриеме тоа. Главното подрачје на рисот е НП Маврово, таму го има најмногу, но и околу паркот, на Шар Планина, Буковиќ биокоридорот, Јасен заштитеното подрачје, Стогово, Караорман, Јабланица. Тоа се главните планини каде ова животно се среќава. Иако е рисот е стого заштитено животно сепак постои криволов и бидејќи се работи за многу мала популација секоја единка е значајна, што значи и една единка да биде убиена е многу голема штета. Сега во последно време гледаме дека и размножувањето во сродство е сериозна закана за Балканскиот рис и работиме во најновата фаза од оваа програма да го обновиме генетскиот фонд на Балканскиот рис со тоа што би донеле нови единки, посочува Меловски.
Изложбата поставена во Охрид посочува е дел од проектот „Програмата за закрепнување на Балканскиот рис“ кој започнал во 2006 година со цел да се заштити рисот да не исчезне од нашата фауна како наш национален симбол.
Со цел да ја промовираме уникатноста и убавината на рисот ја организираме оваа патувачка изложба која прво ќе патува по заштитените подрачја низ Македонија, четирите национални паркови и заштитетното подрачје „Јасен“, а потоа ќе заврши во Скопје. Оваа изложба ја организираме заедно со НП Галичица и со Културниот центар КУЛТ од Охрид. Се работи за 21 слика направени претежно со методата на фото замки, но има неколку слики кои се фотографирани и се дел од нашата теренска работа започната уште во 2008 година со истражување на ова ретко животно, додава Меловски.
Александар Павлов од Македонското еколошко друштво ја потенцираше важноста од едукација за оваа единка, посебно на учениците од училиштата, зошто посочува тоа на долг рок ќе даде резултати. Ваква едукација била реализирана и низ училиштата и во Охридско-преспанскиот регион.
Важно ни е да бидат опфатени ученици од подрачјата каде веќе е утврдено присуството на рис. Во рамки на нашиот проект имаме една посебна Стратегија со едукативен пакет кој подразбира превадања, но и работни задачи за учениците. Имаме и извесни обуки на наставниците со цел информациите за рисот да ги вметнат во своите програми. Најчесто се фокусираме на западниот дел од Македонија каде што рисот е најзастапен и најголема е веројатноста локалното население да има некаков контакт со ова животно. На овој начин би урнале извесни митови за рисот како животно. Низ годините се повеќе се знае за рисот и можеби имаме удел во тоа. Се почесто имаме претстава дека учениците веќе го поимаат рисот како свое животно, како национална гордост, а се помалку гледаме случаи каде има некои погрешни перцепции. Малку по малку ги рушиме митовите и погрешните перцепции кај луѓето, додава Павлов.
Изложбата со фотографии од Балканскиот рис охриѓани ќе можат да ја погледнат до до 21 октомври. Покрај поставените слики посетителите можат да го видат и каталогот со информации околу изложбата и програмата за заштита на рисот.
Истата е во организација на Македонското еколошко друштво, а во Охрид се реализира во соработка со Културниот центар „Култ“ и Националниот парк „Галичица“.
Фото галерија:
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска