Со одлука на Ријасетот на Исламската верска заедница, донесена денеска, разрешен е струшкиот Муфтија Ферат Полиси. Исто така суспендирани се и сите органи во струшкото муфтивство поврзани со негова функција, дознава OhridNews.

Како причина за разрешувањете извори од ИВЗ го посочуваат прекршувањето на меморандумот потпишан од ИВЗ Македонија со турската исламска заедница,  што се поврзува со уривањето на делови од пет века старата џамија Мустафа Челеби во Струга.


Одговорност за уривањето на делови од Мустафа Челеби џамијата во Струга, денеска побара и Заводот и Музеј Охрид под чија надлежност се спомениците на културата во Охридско-струшкиот регион. Оттаму велат дека тоа било направено без одобрение од надлежните институции, за што била запозната  Управата за заштита на културното наследство и Градежниот инспекторат, од кои се очекува да ги преземат потребните мерки.

-Според Казнениот законик уривањето на заштитено споменично добро претставува казнено дело и сторителот треба да подлежи на санкции, изјави Тања Паскали Бунташеска, директотр на Завод и Музеј Охрид.


Со градежните активности кои започнаа деновиве урнати се помошни простории од џамијата кои биле изградени пред десетина години. Струшкиот муфтија кој и денеска со медиумите комуницираше само преку телефон, тврдеше дека започнатите работи се одвиваат во координација со турската амбасада и  дека муфтивството ги поседува сите потребни дозволи, кои ќе ги покаже кога ќе започне изградбата на новиот објект. Тоа не е точно велат од Заводот и Музеј, посочувајќи дека со уривањето не се согласува ниту турската амбасада.

-Не ми е јасно какво одобрение добило муфтиството, тоа е невалидно, ингеренциите со најновите измени во законот за градба се пренесени на Министерството за транспорт и врски и општината нема никакви ингеренции за поединечно заштитени објекти, објаснува Паскали Бунташеска.


Уривањето на Мустафа Челеби Џамијата го осуди огранокот на ДПА во Струга, од каде ги обвинуваат градоначалникот и надлежниот муфтија дека сакаат да ја менуваат историјата во политички цели.

– Кажуваат пред граѓаните дека сакаат да рушат еден дел од џамијата, дека делот кој припаѓа на отоманската култура ќе се зачува, а новиот дел ќе се гради како албанска џамија, иако архитектите објаснуваат дека  албанска џамија се уште не постои во исламот, изјави Лавдрим Елмази од ДПА – Струга.


Градоначалникот Мерко денеска беше недостапен за медиумите. Тој како што информираат од Завод и Музеј неодамна се обратил до Управата за заштита на културното наследство, но не за Мустафа Челеби џамијата туку за реконструкција на струшкиот амам. На просторот на џамијата, стојат купишта урнатини, но не се работи. Надлежните не знаат дали и колкава штета е предизвикана на старата џамија со уривањето на помошните простории, но изразија надеж дека надлежните инспекциски служби ќе излезат на терен и нема да се дозволи натамошно уништување на овој заштитен споменик на културата.