Случајот со лажната пријава на пожар на брод, што вчера ги алармираше спасувачките екипи и противпожарната служба, се должи на невремето поради кое пловниот објект ги вклучил специјалните сигнални светла, кои од далечина на граѓани им изгледало како тој да гори. Ова денеска го изјави командирот на територјалната противпожарна единица од Охрид, Спасе Прентоски.
-За среќа сето тоа беше лажна узбуна, но добронамерно пријавена од страна на сериозни граѓани кои се претставија со име и презиме. Тие пријавија дека на Охридското Езеро над хотелот „Десарет“ гори брод. Тие добиле таков впечаток бидејќи имаше невреме и дошло до појава на таканаречени мртви бранови кои бродарите ги нарекуваат „подвалица“, и бродот бил доста нестабилен во тој момент и доаѓа како до тонење, односно не може да се види од брановите. Капетанот тогаш ги вклучил светлосните сигнали кои од далечина изгледале како бродот да гори. По дојавата, која ќе повторам е добронамерна, ние веднаш излеговме на терен, но за среќа немаше потреба од интервенција.-изјави Прентоски.
На терен веднаш излегоа и спасувачките тимови на Црвениот крст од кладе велат дека целата ситуација била искористена како своевидна вежба. Оттаму рекоа дека е среќа што се работело за лажна узбуна, особено што Охрид се’ уште нема набавено специјално пловило за гаснење пожар на вода.