Развојот на нови политики и стратегии кои ќе овозможат ефикасно и одржливо снабдување со комунални услуги за сите граѓани, идните трендови како и иновациите во фокус на неколкудневната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ организирана од страна на АДКОМ, а која се одржува во Охрид.

Со брзото темпо на урбанизација, климатските промени, новите технологии и промени во потребите на граѓаните, комуналните услуги, како што се водоснабдувањето, отпадната вода, енергетската ефикасност и управувањето со отпадот, се соочуваат со нови предизвици, посочуваат присутните.

Јавните комунални претпријатија денес се соочуваат со наталожените долгови од енормно големите сметки за електрична енергија и убеден сум дека решавањето на овој и слични проблеми, кои го оптоваруваат работењето на јавните установи и комуналните претпријатија бара мулти секторски пристап, рече во обраќањето министерот за локална самоуправа Златко Перински.

За таа цел на почетокот на оваа година започнаа активности за мапирање на најпогодените сектори, меѓу кои се и болниците, училиштата и комуналните служби. Иако конкретното решение се уште се моделира, ова е дел од поширок напор за изнаоѓање на одржливо и системско решение. Адресирајќи ги сите овие предизвици, се потврдува потребата од темелно преиспитување на постојната регулатива и поголема флексибилност во однос на современите предизвици со кои се соочуваат јавните претпријатија. Унапредувањето на услугите на комуналниот сектор преку осовременување на комуналната инфраструктура и модернизирање на работните процеси на јавните претпријатија е клучен приоритет и како таков е соодветно дефиниран во Програмата за децентрализација и одржлив локален развој за периодот 2021-2026, рече Перински.

На овој начин, посочи, преку систематски пристап со конкретни мерки и активности Владата односно, надлежните министерства креираат решенија за надминување на мноштвото предизвици со кои се соочуваат јавните претпријатија се со цел пред се да се зголеми опфатот на населението со комунални услуги коишто ќе бидат стандардизирани и со еднаков квалитет без разлика дали се испорачуваат во рурална или урбана средина.

Свесни сме дека најголемиот предизвик во оваа област е значителниот инвестициски јаз, предизвикан од зголемените потреби за обновување и развој на комуналната инфраструктура, особено во секторите на водни услуги и управување со отпадот. Институционалните проценки укажуваат дека во делот на управувањето со отпадот се потребни инвестиции од најмалку 150 милиони евра, додека за водните услуги до 2040 година се предвидуваат потребни вложувања од над 1,5 милијарди евра. Покрај инфраструктурата за водни услуги и управување со отпадот, неопходно е да продолжат инвестициите во рехабилитација и изградба на локални патишта, улици и друга инфраструктура која го поддржува функционирањето на комуналните услуги, додаде Перински.

Денес, повеќе од кога било, комуналниот сектор се соочува со динамични и комплексни предизвици: климатски промени, брз технолошки напредок, зголемени очекувања на граѓаните, ограничени ресурси, како и потреба од транспарентност, ефикасност и отчетност, истакна Раско Чочков, претседател на АДКОМ.

Токму поради тоа, оваа конференција не е само професионален форум, туку и платформа за визија. Визија за дигитализација и иновации во комуналните дејности. Визија за зелена транзиција, циркуларна економија и рационално управување со природните ресурси. Визија за подобра интеграција меѓу локалната и централната власт, како и за силно вклучување на граѓаните во креирањето на услугите што ги користат. Само преку заедничка посветеност можеме да изградиме комунален сектор што ќе ги задоволува потребите на денешницата и ќе биде подготвен за предизвиците на иднината, додаде Чочков.

Комуналниот сектор и случувањето со него во иднина се клучни аспекти на одржливиот развој на нашите општества, рече во обраќањето градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, посочувајќи дека секторот се соочува со нови предизвици.

Оваа конференција е посветена на разгледување на идните трендови и иновации во овој сектор, како и на развојот на нови политики и стратегии кои ќе овозможат ефикасно и одржливо снабдување со комунални услуги за сите граѓани. Убеден сум дека одржувањето на овој настан ќе ја потврди нашата определба за упростување и осовременување на постапката на давање комунални услуги кои се очекува да бидат поквалитетни. Сигурен сум дека од бројните научни и стручни предизвици ќе произлезат нови сознанија од областа на комуналниот развој кои се битни за напредокот на нашето општество. Преку споделување на искуства, примери од пракса и стручни дискусии, вие ќе создадете визија за тоа каков треба да биде комуналниот сектор во иднина и како можеме заедно да се подготвиме за тие промени, посочи Пецаков.

Загубите на вода и мапирањето на подземните мрежни системи, подземен катастар, би ги ставил како едни од најзначајните работи кои претпријатијата мораат да ги направат ако сакаме да имаме успешно управување со водоснабдителните системи, истакна Георги Христов, советник на Германско друштво за меѓународна соработка во РС Македонија (ГИЗ).

Во спротивно тие ќе не управуваат нас и тоа ќе се одрази преку повисоки сметки за услугите, но и можеме да се соочиме и со недостаток во обезбедување на 24 часовно континуирано снабдување со вода за пиење. Во оваа насока би апелирал дека новите дигитални софтвери кои постојат можат многу да придонесат да се изврши квалитетно снимање, како на водоснабдителните мрежи, така и да се добијат реални податоци за зоните на притисок, подобро балансирање и хидрауличко моделирање на мрежите и сето ова не може да се направи без користење на современи дигитални алатки, рече Христов.

Дигитализацијата, потенцираше, во јавните комунални претпријатија треба да се сфати како потреба, како нешто што ќе даде бенефит за работењето и перформансите, а не да се гледа како дополнителен трошок.

Дигитализирани подземни катастери се само почетни чекори кон континуирано собирање на податоци кои ќе обезбедат квалитени информации во носење на вистински одлуки, кои ќе дадат правилна приоретизација на проектите кои треба да се реализираат. Сите одлуки ќе бидат базирани на информации, а не на моментални потреби. Ќе помогне и на државата која ќе може подобро да ги прави инвестициските планови и релано да ги адресира потребите на водоснабдителните системи, додаде Христов.

Комуналниот секторот е исклучилно значаен како за опстојување на општините, така и за подобрување на животот на граѓаните, а испорачување на квалитетна комунална услуга доаѓа пред се од одржливи јавни претпријатија, посочи Линдита Шакири, раководител на Секторот за ЕУ при Министерство за животна средина и просторно планирање на РС Македонија.

Навистина долговите се големи и исклучително е важен начинот на менаџирање на јавните комунални претпријатија, но соработката со локалната самоуправа е исто така многу важна. Мора да има синергија за да има успех. Сметам и најчесто од страна на меѓународните пријатели и експерти е дека мора да се работи во сите јавни комунални претпријатија на подигнување на квалитетот на вработените, работниците, посета на обуки и нивно дообучување, бидејќи технологијата оди напред, дигитализацијата и мораме да бидеме во чекор со времето. Во моментот ситуацијата со третманот на отпадните води е навистина сложена. Грижата за отпадниите води доаѓа од самите нас, меѓутоа од друга страна се воспоставени многу мерки и регулативи за заштита кои секако треба да се почитуваат. Исклучително голема е динамиката и освртот на третманот на отпадните води односно изградба на пречистителните станици во поголем број од нашите градови, додаде Шакири.

Најави дека на конференцијата ќе бидат презентирани иновации во третманот на отпадните води, се со цел намалување на потрошувачката, користењето на кислород, консумирање на хемикалии во третманот, како и поставување на фотоелектрични централи.

На меѓународна конференција учествуваат домашни и меѓународни експерти, претставници на јавните претпријатија, институции, донатори и невладини организации.

Н.С.Ј.