Презентиран вториот Јавен повик за доделување грантови за развој на социјалните услуги на локално ниво во Охрид пред претставниците на општините и невладините и граѓанските организации од Југозападниот плански регион. Пред присутните беа презентирани роковите и постапката за идно аплицирање за грантовите, а беа изнесени и бенефитите кои Проектот ги нуди за развој на социјалните услуги во локалните заедници за да се поттикне интересот на општините од регионот да се јават на Повикот.

Проектот за подобрување на социјални услуги е еден од инструментите за поддршка во успешното реализирање на сеопфатна социјална реформа која има за цел зајакнување на човечкиот капитал, намалување на сиромаштијата и подигнување на квалитетот на животот во земјата, рече во обраќањето градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Оддржливи и квалитетни социјални услуги во локалните заедници според потребите на граѓаните може да се реализираат со размена на искуства и практики помеѓу општините, како даватели на социјални услуги, но неопходна е и соработка помеѓу централната и локалната власт, но и граѓанскиот сектор во унапредување на квалитетот на животот на граѓаните. Развојот на локалните социјални услуги е модел кој ги обединува сите чинители на локално ниво да се вклучат во градење на заедницата. Затоа локалните самоуправи како први меѓу еднаквите на подрачјето на кое делуваат заедно со своите партнери од граѓанските организации се исправени пред обврската да обезбедат социјални услуги за своите граѓани. Социјалните услуги имаат клучна улога во јакнењето на отпорноста кај поедниците, семејствата и заедниците, како и при поддршка на човековиот и економскиот развој во земјата. Секој поединец и семејство заслужуваат шанса за подобри услови за живот во заедницата, рече Пецаков.

Додаде дека како локална власт постојано работат на унапредување на социјалните услуги и активности, потенцирајќи дека во оваа насока отворена е сензорна градина во ОУ „Григор Прличев“, даваат поддршка на првиот регионален Саем на социјални претпријатија на Југозападниот регион.

Општина Охрид додели стипендии на редовни ученици, студенти, магистранти, докторанти, на лица со ретки болести и посебни потреби. Објавивме поддршка за финансиска поддршка за Центар кој згрижува и третира деца со атипичен развој. Поддршката е наменета за деца кои потекнуваат од социјално загрозени семејства. Објавен и спроведен е Јавен повик за прибирање проектни идеи на здруженија на граѓани од областа на социјалната заштита. Тековен е проектот кој општината го работи заедно со УНДП преку кои се ангажирани девет образовни асистенти во рамките на средните училишта. И понатаму ќе работиме на унапредување на социјалната политика на Општина Охрид за чија успешност е неопходна соработка со централната власт и граѓанскиот сектор, додаде Пецаков.

Биљана Страмшак го презентираше Јавниот повик, начините за аплицирање но и резулатите постигнати до првиот јавен повик кој беше спроведен во 2019 година.

Оттогаш наваму успешно се реализираа 22 проекти во 26 општини. Од нив 16 се за помош на нега во домот која услуга се нуди во 20 општини. Отворени се и пет Дневни центри за различни категории на лица во социјален ризик и едно советувалиште. За да можат да даваат најчесто невладините организации социјални услуги треба да бидат лиценцирани, кој процес е опфатен со овој повик, а веќе од првиот имаме 19 лиценцирани даватели на социјални услуги. Преку овие услуги опфатени се повеќе од 546 корисници, а тоа што посебно треба да се истакне е дека 222 лица се работно ангажирани или вработени кои се токму лица кои биле во некоја категорија на лица од социјален ризик, рече Страмшак.

Овој повик, додаде, содржи две главни компоненти од кои првата се однесува на промовирање на социјалната вклученост преку подобар пристап до социјални права и услуги и компонентата два која се однесува на проширување на пристапот и подобрување на квалитетот на предучилишните услуги.

Целта на првата компонента е да се развијат социјални услуги на локално ниво согласно индивидуалните потреби на сите граѓани, со акцент за значењето на процесите на децентрализација и деинституционализација. Затоа што до пред донесување на новиот Закон социјалните услуги ги добиваше само државата, а со овој Закон се овозможува социјалните услуги да се спуштат на локално ниво и да се зголеми бројот на чинители кои ќе можат да ги нудат пред се општините, но и веќе лиценцираните даватели на услуги, додаде.

Инаку, Проектот за подобрување на социјалните услуги е имплементиран од Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка.

Н.С.Ј.