Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошевски“ денес го одбележа патрониот празник.
Свеченоста започна со полагање на цвеќе пред споменикот на Ванчо Питошески во училишниот двор од страна на претставници од училиштето предводени од директорот Тони Андрески, како и претставници од Општина Охрид предводени од заменик градоначалничката Ана Крстеска.
Денес со гордост го славиме патрониот празник на нашето училиште, ден кога сите заедно се навраќаме на ликот и делото на нашиот патрон Ванчо Питошески. Тој покажа што значи храброст, саможртва и љубов кон татковината. Денес ние продолжуваме да градиме на тие вредности темели, да се бориме за знаење, за воспитување генерации кои ќе создаваат, ќе напредуваат и ќе ја градат иднината на нашата земја, рече во обраќањето пред присутните директорот на училиштето Андрески.
РЦСОО „Ванчо Питошески“ има особено значајна улога во туристичкиот развој на Охрид и поширокиот регион. Тука образуваме стручни кадри кои треба да знаат како се пречекува еден гостин, како се претставува една земја, една култура. Со своето знаење, стручност и креативност, тие треба да бидат двигатели на туристичкиот развој на Охрид, најпривлечната туристичка дестинација во земјата, градот кој живее од и за туризмот. Со континуирано вложување во училиштето обезбедивме современи и функционални простории, модерна опрема и современи услови за учење, работа и престој. Ученичкиот дом овозможува еднаков пристап до образование за сите без оглед од каде доаѓаат учениците.
Воедно потенцираше дека се реализирани бројни проекти, но и добиени награди и признанија кои се дел од успесите центарот и плод на посветена работа и љубов кон професијата како на наставниците така и на учениците.
Овде сакам да го нагласам минатонеделното учество на ГАТУС натпреварот во Бар, Црна Гора каде нашите ученици заедно со нивните ментори освоија една златна и две сребрени медали. Сите ние сме дел од ова училиште и верувам дека уште многу генерации ќе придонесат во неговото траење и издигнување, додаде Андрески.
Го одбележуваме патрониот празник на овој регионален средношколски училишен центар во кој се образоваат идните туристички работници од нашиот град и од регионов, потенцијални кадри кои активно се вклучуваат во туризмот како најважна стопанска дејност во нашиот регион, рече во обраќањето заменик-градоначалничката на Охрид, Крстеска.
Тука пред нас се идните хотелиери, угостители и даватели на останати туристички услуги. Тука тие го претставуваат нашето лице. Претпоставуваат како ќе се претставиме пред гостите од земјата и од странство. Наша должност и обврска е да создаваме подобри услови за образованието на нашите деца. Ви посакувам и во иднина да освојувате многу златни, сребрени, бронзени медали, да ги достигнувате највисоките хоризонти на државни и меѓународни гастрономски натпревари, како што тоа го правите и досега, и ние сме тука како институции, секоја во рамки на своите надлежности да ве подржуваме, додаде Крстеска.
Во рамки на настанот беа доделени признанија на вработените кои оваа година остварија јубилеен стаж и на учениците и менторите кои добија високи награди на ГАТУС натпреварот.
РЦСОО „Ванчо Питошески“ го одбележа патрониот празник
Н.С.Ј.