Екипата на Охрид ги расчисти сметките со тимот на Пролет победувајќи го 29-28 во 10-та рунда од Супер лигата. „Гладијаторите“ со триумфот ја крунисаа роденската прослава на „Рибари“ кои приредија голем спектакл во салата и на градскиот кеј со баклијада.

Раде Стојановиќ (Охрид) – Најпрво да сакам да им честитам и заблагодарам на „Рибари“ за јубилејот и за поддршката на овој натпревар и за сите претходни и следни мечеви. Разликата на семафорот покажува дека било тесно и неизвесно додека на теренот не беше така. Ние имавме позитива и од шест голови и дури во финишот Пролет успеа да намали и да го ублажи поразот. Момците со мали исклучоци одиграа перфектен натпревар а тие работи кои не ми се допаѓаат ќе ги остраниме на следните мечеви.

Никола Матлиески (Пролет) – Атмосферата на трибините беше одлична и им честитам на охридските навивачи за јубилејот и за начинот на кој го сакаат и бодрат клубот. Натпреварот помина во знакот на Охрид и заслужено победи. Водеа од почетокот до крајот на мечот. Ние на теренот пруживме отпор колку што можевме. Ми се чини дека атмосферата во салата ја направи разликата и подолгата клупа на Охрид. Во секој случај не разочараваме и добро се претставивме.

Крсте Андоновски (Охрид) – Крајниот исход не е реален како се одвиваше натпреварот но без разлика победа си е победа. Одигравме максимално борбено во одбраната во текот на целиот натпревар и Пролет во последните 60-тина секунди постигна три погодоци и го ублажи поразот. Победата и успехот им го посветуваме на „Рибари“ со кои заедно можеме да поместиме граници. Направија добра атмосфера во салата и неколку денови претходно со организацијата која беше на високо ниво.

Ласко Андоновски (Пролет) – Двете екипи одигравме добар натпревар. Супер беше да се игра пред полни трибини и навивачи кои славеа роденден. Од срце им благодарам за фер и коректното навивање. Охрид за нијанса беше подобар противник. Ние кога требаше да го направиме чекорот да изедначеме грешевме а Охрид на спротивната страна погодуваше. 

Дени Тот (Охрид) – Секоја чест за „Рибари“ и за нивната љубов кон клубот. Во Хрватска нема шанси на првенствен натпревар да се соберат толку голем број навивачи и да навиваат. Во Охрид посебно луѓето се многу фокусирани на ракометот и многу го сакаат. Горевме од желба да победиме и со триумф да ја зачиниме атмосферата во салата. Продолжуваме понатаму и со голема самодоверба влегуваме во следните натпревари.

OhridNews

(Обновено) Фото: „Гладијаторите“ со победа им го честитаа роденденот на „Рибари“!