Со триумф на домаќините (2-1) заврши пресмеката помеѓу Струга Трим Лум и Вардар одиграна денеска на Градскиот стадион во Струга. Стружани со победата над лидерот на табелата и трите освоени бодови се одлепи од опасната зона и направи чекор напред кон остварувањето на целта-опстанок во Првата лига.

Јетон Беќири (Струга ТЛ) – Очекувавме ваков тежок и исцрпувачки натпревар против лидерот на табелата во нашата лига. Вардар беше во позитивна серија и неколку месеци немаше пораз но момците мои буквално изгинаа на терен и дадоа од себе да победат. И покрај победата не смееме да се залетуваме туку треба да стоиме цврсто на земја и да продолжиме да собираме бодови на домашен и гостински терен. 

Александар Васоски (Вардар) – Нашите прилики ние ги имавме на стартот од натпреварот. Два зицери не реализираме потоа примаме погодок од наша грешка. Ќе видиме како испадна тоа и ќе анализираме. Јас би се навратил на една ситуација кога место пенал за нас и црвен картон за струшкиот голман арбитрите досудуваат офсајд. Повредени се правилата на фудбалска игра и незнам зошто не се судат вакви евидетни работи во наша корист. Комплетно ќе се сменеше текот на играта, но што е тоа е одиме понатаму и нема да дозволиме да не дестабилизира поразот во Струга.

Даниел Аврамоски (Вардар) – Одигравме добар натпревар иако резултатот не го покажува така. Имавме прилики на 0-0 и на 1-0 кои мораше и требаше да ги искористиме. Не паѓаме, имаме голема самодоверба во екипата и верувам дека ќе ги искористиме шансите на следниот натпревар. Големо задоволство и чест ми е да настапувам за македонската репрезентација. Пресреќен сум што ќе бидам дел од новиот собир и што ќе добијам шанса која треба да ја искористам. Во добра форма сум играм солидно последниов период и знаев дека „кога тогаш“ ќе добијам шанса.

Арбен Тафе (Струга ТЛ) – Можам слободно да кажам дека заслужено победивме. Многу се боревме во текот на целиот натпревар и не потклекнавме пред притисокот од гостинскиот состав. Покажавме дека може да се носиме со екипи од горниот дел од табелата и дека никој не смее да потцени. Последниов период вежбаме некои акции од прекини и денеска сето тоа излезе на виделина. Добро е кога ќе се постигне погодок а уште подобро е кога тој ќе се круниса со победа.

Мх.П.

Прва МФЛ: Вардар „срушен“ во Струга, голема победа на новајлијата (видео)