Охридските ракометари со 25-22 го совладаа Пелистер во дерби пресмеката и се доближија чекор поблиску до плејофот во Супер лигата. Мечот на колото понуди се и сешто, а на крајот на победата се радуваа ракометарите на Охрид и домашната публика.

Иван Тасески (РК Охрид) – Одигравме максимално борбено и безпоштедно до крајот на мечот. Иако многу лошо ги започнавме првото и второто полувреме го испочитувавме договорот пред мечот како да одиграме. Ми се чини дека безпотребно се направи толкава фама околу тој момент, но тоа што е. Санкциите на почетокот од второто полувреме нас многу ни ја отежнаа работата, додека на Пелистер му се случи пех со вториот голман кој се повреди и нас ни ја олесни работата.

Јошко Петковиќ (РК Пелистер) – Голем проблем ни направи исклучувањето на Рајчиќ, бидејќи детето кое беше негова замена ми се чини дека прв пат брани на ваков меч. Вината ја гледам и во голманот кој не смее да реагираа така бурно во текот на мечот. Дел од охридските ракометари имаат искуство од вакви мечеви и го искористија тоа максимално постигнувајќи лесни погодоци. Дуелот со Охрид го сметам како обичен меч кој доаѓа и заминува, а домашните ракометари со публиката заслужено се радуваа. Лично не сум задоволен од играта и јас ќе го решам тоа на мој начин. Без разлика на поразот нас не` интересира пласманот во плејофот и сигурен сум дека ќе успееме во тоа.  Се надевам и Охрид дека ќе влезе и одново ќе одиграме ваков натпревар во Охрид. 

Златко Везенковски (РК Охрид) – Како поискусен играч во екипата едноставно морав да преземам одговорност и да ги понесам момците односно да им дадам крилја во тешките мигови. Играчите кои ги загубивме се клучни во нашата ротација и направивме неверојатна работа што победивме и покрај тоа што имавме негатива од шест погодоци. Среќни сме за победата, бидејќи одигравме со срце и сакам да и се заблагодарам на охридската публика за поддршката.

Крсте Андоновски (РК Охрид) – Одличен меч и победа. Одигравме јуначки со срце и се вративме од шест голови негатива. Покажавме и докажавме дека смее добра и квалитетна екипа и совлада тим кој минимум три пати има поголем буџет од нашиот. Овој триумф е одлична најава за дуелот со Пролет кој ќе се одигра в недела.

Фантастична победа на Охрид во дербито со Пелистер !

OhridNews