Ракометарите на Охрид извојуваа нова победа во Супер лигата, триумфирајќи во дербито со Пролет со 24-19. За „гладијаторите“ ова е деветти триумф во деветтиот натпревар сезонава, со што ја продолжија серијата без грешка во македонската ракометна елита.

Никола Даниловски (Охрид) – Се подготвувавме и мислевме многу за овој натпревар, бидејќи знаевме дека ракометарите на Пролет ќе сакаат да ни вратат за поразот во првиот круг. Во првиот дел не бевме на ниво во одбрана и немавме одговор за Палевски, додека не бевме ништо подобри ниту во напад. На паузата од полувремињата разговаравме и излеговме да дадеме се од себе. Одигравме речиси перфектно второ полувреме во кое ги наместивме коцките за победа. На крајот можеме да кажеме дека извојуваме тешка, но рутинска победа.

Никола Матлиески (Пролет) – Крајниот резултат не ги отсликува правилно како се одвиваа работите на теренот. Двете екипи одигравме добар натпревар. Ние пруживме максимум, колку што можеме моментално. Паднавме физички во вториот дел, не бевме доволни добри во играта „еден на еден“ и промашивме неколку зицери, тука некаде треба да ги бараме причините за поразот. Физички заостануваме зад Охрид кој за нијанса беше подобар од нас. Не сакам да барам алиби, но на моите ракометари им требаат нови подготовки, бидејќи се што работевме падна во вода после едномесечната пауза, поради ковид позитивните случаи во нашиот состав.

Раде Стојановиќ (Охрид) – Сакам да им се заблагадорам на гостинските ракометари за добриот, фер и коректен натпревар. Да им честитам на моите ракометари за играта во второто полувреме. Одигравме лошо во првото полувреме во кое за среќа не бевме казнети, туку на одмор заминавме со егал. Во вториот дел ја поправивме играта во двата правци и заличивме на вистинскиот Охрид. Покажавме дека моментално сме подобри од Пролет и продолжуваме понатаму со ист натпреварувачки ритам во Супер лигата.

Мх.П.
Фото: Мега Продукција

 

Бодовите останаа во Охрид, „гладијаторите“ во дербито на колото го совладаа Пролет