Родители на ученици од ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ преку писмо доставено до медиумите реагираат на набавката на наметки и капи за матурантите од средношколската установа.

Очигледно е дека раководството на средното охридско училиште е погодено од економската криза во Македонија и има потреба од дополнителни приходи, па дури користат ученици од ранливи категории со цел зголемување на нивниот приход, пишува во писмото на родители на ученици, кои бараат и одговор и објаснување од директорот на центарот и од раководство, додека од надлежните институции и невладините организации бараат да застанат на страната на средношколците и нивните родители.
Директорот на училиштето, Сашо Недески, појасни дека раководството на училиштето нема речиси никаква врска со начинот и постапката за набавување на матурските наметки и капи.
Иницијативата за набавката произлезе од самите ученици, тие самите се организираа, беа спроведени и анкети меѓу учениците, а потоа процедурата за набавка беше одобрена и од Советот на родители. Самиот Совет на родители ги разгледа понудите, од кои беше избран набавувавачот. Учениците и родителите си го избраа изработувачот, сами и си ги собират средствата, училиштето нема никаква врска со процедурата. Дури и овозможено им е средствата од 450 денари што, да нагласам воопшто и не ги собира училиштето, да ги плаќаат на две рати, рече Недески.
Матурските наметки со лого на средното училиште веќе се вообичаена практика меѓу учениците од останатите средношколски установи во Охрид.
OhridNews













