Предлогот на ВМРО НП за селектирање на отпадот, според општина Охрид е бесмислен.

„Доколку искрено сакале да реализираат нешто, имаа можност без никаков проблем тоа да го направат во 8 годишниот период, додека практикуваа власт во општината Охрид. Програмата која им беше понудена на граѓаните на Охрид на последните локални избори од страна на Градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ и за која е добиена огромна поддршка, е обврска која етапно и во согласност со предвидената динамика веќе се реализира. Градоначалникот Бакрачески и локалната самоуправа прифаќаат и други идеи и предлози од граѓаните на Охрид, кои доколку овозможуваат финансиските перформанси на општината би можеле да се реализираат. Но сметаме дека е крајно иронично тие предлози да произлегуваат од оние кои долгорочно ги намалија финансиските и материјални капацитети на општината, создавајќи енормни долгови на општина Охрид . Доколку лицата од Народна сакаат да се запознаат со планираните проекти во општина Охрид, поконкретно со делот за енергетска ефикасност и третирање на комуналниот отпад, како и тајмингот за имплементација и средствата кои ќе бидат потрошени, можат во секој момент да побараат примерок од Програмата и од општинските служби веднаш ќе го добијат. Тогаш точно ќе имаат увид во проектите кои ги избраа граѓаните за реализација во 4 годишниот период.“-стои во реакцијата на општина Охрид.

Од ЈП Охридски Комуналец укажуваат дека во моментов се  разгледува можноста за интензивирање на процесот на селекција на отпад, посочувајќи дека изминативе години на територијата на општина Охрид како и на територијата на цела Република Македонија веќе се врши одреден степен на селекција на ПЕТ амбалажа и хартија преку наменски контејнери и мрежи за хартија.

„ЈП Охридски Комуналец веќе ја планира следната фаза во однос на селекцијата на отпадот што би се реализирала во самите домаќинства како што впрочем тоа се практикува во повеќето светски дестинации. Можноста за имплементација на оваа фаза на територијата на општина Охрид се разгледува последните два месеци. Според плановите на тимот кој работи на оваа идеа е селекцијата на отпадот да се врши во специјално наменети кеси соодветно обоени кои јавното претпријатие ќе ги дистрибуира до домаќинствата. Реализацијата се планира да биде во фази, но после набавката на нови возила. Зачудени сме како вработениот Ванчо Костовски проектот на јавното претпријатие за кој слушнал дека веќе се разработува во јавното претпријатие го презентира во јавноста како тоа да е измислица од ВМРО Народна партија.“-се вели во реакцијата на ЈП „Охридски Комуналец“.

Реагираше и ВМРО ДПМНЕ, според која предлогот на “народњаците“ е мачкање очи.

„Срамно е да говорите за проекти за селектирање на отпад од домаќинствата и со тоа да ги замајувате граѓаните дека наводно се грижите за економскиот бенефит и заштеда на ЈП Комуналец. Ако толку се грижите за чистотата на Охрид зошто сега предложениот проект не го реализиравте во 8 годишното владеење што заедно со коалиционите партнери го имавте во Охрид? Ако вие навистина сакавте економска стабилност на охридски Комуналец немаше свесно и намерно финансиски да го заглавите и да го предадете ова претпријатие на новото раководство со долг тежок 1 милион евра. Вака ли, со празни зборови , без факти и за жал лоша вистина која ја оставивте зад себе очекувате да ви веруваат охриѓани? Во меморијата на граѓаните ќе останете запаметени како партија која ништо не сторила за доброто на Охрид. Во 8 години владеење со вашите коалициони партнери, не направивте ниту еден добар проект , ветувавте на хартија но ништо не исполнувавте.“- се вели меѓу другото во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews