Се поочигледно е нашето тврдење кое континуирано го споделуваме со јавноста во изминативе две и пол години а тоа е дека СДСМ – Охрид и нивната советничка група исклучиво седниците на Советот на Општина Охрид ги користат за политички маркетинг без притоа ни малку да им е грижа за решавање на определен проблем на граѓаните на Охрид, се вели во реакцијата на општина Охрид, а во врска со соопштението на опозициската СДСМ во која градоначалникот на Охрид се критикува за ставовите изнесени на седницата на Советот посветена на советничките прашања.

-Кога тоа нема да им успее и ќе бидат „бомбардирани“ со факти и релевантни податоци, бараат начин надвор од седницата на Совет да полемизираат на теми за коишто се водело дискусија на седницата на Совет со таа разлика што таму каде што тие одбираат да ја водат„ политичката битка“ го нема градоначалникот Бакрачески, аргументирано да им ги сруши сите обиди за манипулација со граѓаните на Охрид. Сето ова е надополнето со оскудните знаења и неподготвеноста на опозицијата за дискусија по однос на значајни теми и проекти за Охрид. – се вели во соопштението.

Оттаму уште ја прашуваат СДСМ дали мислат дека граѓаните го заборавиле нивниот период на, како што стои во соопштението,  мрачно владеење со Охрид.

– Не реализиравте ниту еден проект, задолживте неколку генерации охриѓани, а денес се обидувате со смешни додавки да го маргинализирате решавањето на најкрупните проблеми на граѓаните на Охрид за само две и пол години. За тоа дека вашето соопштение е неточно и невистинито сведоци се и претставниците на медиумите кои известуваа за седницата на Совет а преку тоа и граѓаните на Охрид имаа можност да ги слушнат ставовите на Градоначалникот во однос на поставените прашања. Почитувани од СДСМ,отворено ќе ве прашаме: Како тоа Градоначалникот не одговорил на ниту едно прашање а вие на Седницата ја користевте статутарната можност да поставите и дополнително прашање? – се наведува во соопштението издадњено од прес службата на Општина Охрид.

Ohridnews