Реал Мадрид со 2-1 ја совладаа Барселона на Ноу Камп во 172-то „Ел Класико“ во рамките од шпанската Ла Лига.


Најголемото фудбалско дерби го одбележа емотивната кореографија пред почетокот на мечот во чест на Јохан Кројф кој почина по кратко боледување.

Мрежите на Ноу Камп во првиот дел мируваа, но сепак, возбудувања имаше на двете страни.


Погодоците кои недостасуваа во првото полувреме стигнаа во второто. Жерард Пике по добро изведениот корнер на Иван Раќитиќ го отвори резултатот.

„Кралевите“ брзо преку Карим Бензема возвратија и ги изедначија бројките на семафарот. Во 83-та минута гостите останаа со фудбалер помалку откако Серхио Рамос доби втор жолт картон.

Но, дефицитот на играч не се осети во гостинскиот табор и со погодокот на Кристијано Роналдо го покорија домот на Европскиот првак.

 

Реал Мадрид со победата во дербито ја намали разликата на седум бодови и стави точка на серијата од 39 мечеви без пораз на Барселона во сите конкуренции.

Мх.П.