Реал Мадрид и International Petroleum Investment Company (IPCI) од Абу Даби потпишаа „долгорочно стратешко партнерство“, кое најбогатиот клуб на светот ќе направат уште побогат.
Договорот вклучува и ширење на фудбалската школа на Реал насекаде низ светот, реконструкција на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ и создавање на нова дигитална медиумска платформа.
„Со овој комерцијален договор Реал ќе оствари еден голем предизвик, ќе го претвори ’Сантијаго Бернабеу’ во најдобар спортски објект во светот“, порачаа од Реал.
Челниците на ‘кралскиот клуб’ и претставниците на IPIC не ги открија финансиските детали, ниту, пак, времетраењето на договорот.
Шпанските медиуми шпекулираат дека IPIC го купил правото за промена на името на стадионот, и тоа за неверојатна сума од 500 милиони евра. Стадионот би требало да го носи името „Абу Даби Бернабеу“, а дека договорот е потпишан на 20 години.
Реал веќе избрал архитектонска компанија од Германија која ќе работи на реконструкцијата на стадионот, а според најавите новиот изглед ќе биде спектакуларен.
Се шпекулира дека реконструкцијата ќе изнесува околу 400 милиони евра, а работите би требало да бидат завршени до крајот на 2017 година.
Планирано е да биде изграден подвижен покрив, голем шопинг центар, хотел и уште неколку други содржини.
Компанијата IPIC е основата во 1984 година од страна на владата на Абу Даби со цел да реализира инвестиции надвор од Абу Даби. Првата инвестиција на компанијата била купување на 10 отсто од шпанската нафтена компанија CEPSA. Дел од IPIC сега се бројни компании чија вредност се проценува на 10 милијарди долари.
Според последните податоци на магазинот Forbes, Реал Мадрид е најбогатиот клуб на светот, чија вредност се проценува на 2,5 милијарди евра.
„Макфакс“