Според податоците на Државниот завод за статистика, во јануари 2012 година, широкопојасен пристап на интернет (преку фиксна или мобилна конекција) имале 87.3% од деловните субјекти со десет или повеќе вработени. Пристап на интернет преку мобилна конекција (широкопојасна или друг вид на мобилна конекција) имале 32.6% од деловните субјекти.

Приближно една четвртина (25.5%) од деловните субјекти на своите вработени, за деловна употреба, им обезбедиле преносливи уреди со кои се овозможува мобилна конекција на интернет, а 36% за своите вработени обезбедиле далечински пристап до системот на е-пошта, документите или апликациите на претпријатието.

Во јануари 2012 година, 33.3% од вработените во деловните субјекти со 10 или повеќе вработени при вршењето на работните задачи користеле компјутер најмалку еднаш неделно, 27.6% од вработените, најмалку еднаш неделно користеле компјутер со пристап на интернет.

Преносливи уреди (пр., notebook, laptop, smartphone, PDA phone) кои овозможуваат мобилен пристап на интернет за деловна употреба користеле 5.3% од вработените.

Во јануари 2012 година, 17.3% од деловните субјекти (10+) имале вработено лица со специјалистички вештини за ИКТ/ИТ. Најголем процент на вработување на специјалисти за ИКТ/ИТ се забележува кај големите претпријатија со 250 или повеќе вработени (62%).

Во текот на јануари 2012 година, 32.7% од деловните субјекти (10+) испраќале или примале електронски податоци во формат кој овозможува нивна автоматска обработка (пр., EDI, EDIFACT, XML), а 47% имале електронска и автоматска размена на информации во рамките на деловниот субјект.

Во 2011 година, 84% од деловните субјекти со пристап на интернет, употребиле интернет за интеракција со органите на јавната власт, било за добивање информации, добивање формулари, за електронско враќање на пополнети формулари преку веб-страниците на јавната власт, или за административни процедури целосно електронски реализирани. Во 2011 година, околу 28% од деловните субјекти со пристап на интернет понудиле стоки или услуги во електронски системи за јавни набавки во земјава.

Во текот на 2011 година, 8.9% од деловните субјекти со 10 или повеќе вработени, имале е-трговија, односно купувале или продавале стоки или услуги преку компјутерски мрежи (преку веб или EDI), веб-продажба реализирале 5.3%, а веб-купувања вршеле 4.8% од деловните субјекти.

OhridNews