Поскапувањето на енергенсите и беспарицата, ги натера голем број охриѓани да ги вратат своите печки на дрва како најекономичен начин за затоплување на домовите во текот на зимскиот период. Но греењето со дрва, честопати знае да претставува опасност, ако се знае фактот дека потребни се посебни грижи, како граѓаните би се заштитиле од несакани последици.
Судејќи по многуте случаи на опожарени индивидуални куќи од изминатата сезона, грејните тела како печки, камини и шпорети на дрва претставуваат опасност од оваа несакана појава. Меѓу причините, може да се наведе човечкиот фактор, односно, ненавременото чистење на оџаците и димоводните канали.
Со цел превентивно делување и спречување на потенцијални пожари, Дирекцијата за заштита и спасување во соработка со Територијалната противпожарна единица – Охрид, апелира до граѓаните за редовно одржување на оџаците и огништата-котли за парно греење.
„Огништата-котли за парно греење како и оџаците и димоводните уреди во јавните објекти, треба да се чистат еднаш месечно во грејна сезона. Парособирачите и аспираторите кои се потенцијални предизвикувачи на пожари, треба да се одржуваат еднаш месечно, додека во текот на годината треба да се изврши надзор и на вентилационите канали.“ -информираат од Дирекцијата за заштита и спасување.
Побарувачката на услугата за чистење на оџаците кај индивидуалните куќи и станбените објекти е во константен подем, а според многумина потребно е еднаш годишно да бидат отстранети сагите кои се наталожуваат во димоводните канали.
„Грејната сезона ни е пред почеток, а се зголемува интересот за чистење на оџаците како еден битен елемент за сигурна и безбедна зима. Потребно и препорачливо е еднаш годишно да се исчистат димоводните канали, со цел да се отстранат сагите кои се наталожуваат во оџакот поради непотполното согорување на материјата, конкретно на дрвото. Повеќе такви материи се ослободуваат на оџачкиот канал кога користиме водени дрва, или доаѓа до затворање на тие отвори за воздух во самото грејно тело.“ – вели Горан Маркоски, кој во слободно време работи како оџачар.
Тој потенцира дека граѓаните обично чекаат до последен момент за да ги исчистат своите оџаци, а заинтересиранота е поголема кај сопствениците на индивидуални куќи.
„Обично се чека до последен момент, односно кога ќе започне грејната сезона и прв пат ќе се запали грејното тело, каминот, шпоретот или парното. Исто така, оџачарски услуги се бараат кога ќе се јави проблем со чадење и исчадување. Побарувачката за овие услуги е поголема во индивидуалните куќи, заради тоа што се работи за еден газда. Веројатно во станбените комплекси, несекаде функционираат тие совети на станари или пак се нема услови за договор помеѓу станарите околу чистењето на оџакот. Цените се прилично ниски, но нормално зависат од условите. Претежно се наплаќа по 100 денари од должина метро.“ – потенцира Маркоски.
Покрај оџаците потребно е да се исчистат и чунковите. Како причина за опожарување се наведуваат и лошите изведби на кровните и меѓуспратните конструкции од индивидуалните куќи. Доколку истите се изградени од греди и трска, односно некој несоодветен материјал кој е лесно запалив, може да доведе до катастрофи.
Исто така, граѓаните никогаш не смеат да ги остават вклучени грејните тела кога се вон своите домови. Иако ова го практикуваат голем број на семејства, тоа може да доведе до катастрофални последици.
О.Т.