Регионална средба за Југозападниот регион се одржа денес во Охрид во рамки на осумте настани кои ги организираат АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање на РСМ во рамки на проектот „Со подигање на јавната свест до одржливи комунални услуги“ на тема „Негативното влијание на дивите депонии врз животната средина”.
Темата на овој настан е актуелна и во Охрид, а дивите депонии и справувањето со нив е вистински предизвик верувам за секоја Локална самоуправа. Позитивно е одржувањето на настани од овој тип кои имаат за цел подигнување на јавната свест бидејќи без самосвесни граѓани залуден е секој труд на јавните комунални претпријатија, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Кај нас е посебно битно регулирање на долгогодишниот проблем со депонијата во Буково која ја користиме, нејзиното намерно палење во текот на годината и второ дека оваа депонија е една од препораките и мерките кои УНЕСКО ги има доставено до Општина Охрид и Македонија за дислоцирање на истата. Секако решението е пронајдено, а тоа е формирање на регионална депонија во Општина Новаци, вклучително со седум претоварни станици. Би имале една современа депонија која би била во прв момент регулирана со регионално јавно претпријатие со изгласана одлука на совет на сите општини во Југозападниот регион. И понатаму тоа ЈП треба да пронајде начин да ја менаџира и да ја одржува функционалноста на регионалната депонија. Битно оваа регионална депонија во Новаци да ја добиеме час поскоро, рече Пецаков.
Дефинитивно, истакна, едукацијата во принцип е најбитниот дел за дивите депонии, посочувајќи дека за една година во неговиот мандат биле исчистени преку 120 диви депонии на територија на Општина Охрид кои полека, вели, повторно се формираат.
Тука е проблемот со регулацијата, можеби видео надзорот, казните итн. И тоа е нешто на кое треба да работиме и не е проблем само во Општина Охрид, туку генерално. Како локална самоуправа заедно со јавното комунално претпријатие спроведуваме низа активности кои имаат за цел превенирање од создавањето на диви депонии. Во таа насока е зголемувањето на бројот на спроведени акции за подигање на кабаст отпад, отворањето на линија каде граѓаните може да најават одлагање на кабаст отпад, зголемувањето на локации за поставување на котејнери. Тука би спомнал дека од неодамна поставивме и контејнери за електричен и електронски отпад, а од претходно имаме поставено и контејнери за стакло, пластика и хартија, покрај стандардните. Меѓутоа, како што кажав и сето ова е недоволно доколку граѓаните не станат свесни за штетноста од создавањето на диви депонии, додаде Пецаков.
Ана Петровска од Министерство за животна средина и просторно планирање на РСМ изрази надеж дека со заеднички активности со општините, Министерство за финасии кој обезбеди кредит, ќе биде изграден еден регионален систем за управување со отпад во Југозападниот и Пелагонискиот регион.
Во овој плански регион имаме осум непрописни депонии кои повремено се палат. Но овие непрописни општински депонии се извори на сериозни емисии на канцерогени материи и доколку продолжи натрупувањето на отпад се потешко ќе биде справувањето со нив и гаснењето. Знаеме дека Буково треба да се затвори, но затворањето на непрописните депонии ќе остане обврска на општините со притисок врз Министерството за финансии. Затворањето на Буково е предвидено да чини 3 милиони евра, што не е мала сума и ќе треба сукцесивно да се обезбедува. Како Министерство побаравме во буџетот за 2024 година да почнеме со некое расчистување на депониите таму каде што е итно, но се зависи од Министерството за финасии дали ќе ги обезбедиме средствата. Затворањето на депониите е национален и локален трошок, потенцираше Петровска.
Додаде дека просечно во овој регион во поглед на комуналните услуги е покриен 70% од вкупниот број домаќинства и условите за селектирање се недоволни, локациите се несоодветни, ризични и не се спроведува мониторинг врз влијанието на животната средина.
Изградбата на регионалната депонија е скапа инвестиција. Тоа значи дека треба да имаме минимум 250 илјади жители кои го носат отпадот на една регионална депонија за да биде одржлива и инвестицијата и самото одржување на депонијата, вели Петровска.
На средбата присуствуваа и градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочоски, претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање на РСМ, како и претставници на Јавните комунални претпријатија и експерти во областа на водата.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски