Регионална средба за Југозападниот регион ќе се одржи денес во салата на Општина Охрид со почеток во 12 часот во рамки на осумте настани кои ги организираат АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање на РСМ согласно проектот „Со подигање на јавната свест до одржливи комунални услуги“.

Проектот претставува можност за соработка помеѓу централната и локалната власт и ЈКП, и зголемување на нивната координираност и комуникација.

Настанот има за цел да ги обедини централната и локалната власт, како и Јавните комунални претпријатија, во заеднички напор за подигање на јавната свест за значењето на комуналните услуги. Темата за настанот во Југозападниот регион е „Негативното влијание на дивите депонии врз животната средина” и е од особена важност за нас и нашата заедница, информираат од АДКОМ.

Потенцираат дека важно е одговорно да се управува со отпадоците и да се рециклира за да се намали негативното влијание на дивите депонии врз животната средина.

На настанот ќе се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање на РСМ, како и претставници на Јавните комунални претпријатија и експерти во областа на водата.

OhridNews