Регионалната соработка и европската перспектива на Западен Балкан во фокусот на 18. Конференција на парламентарните комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во Процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа – КОСАП што се одржува во Охрид.

Делегации од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција и Косово разменија ставови и мислењата за прашања во врска со евроинтегративните процеси во своите земји, како и за актуелните случувања во регионот и пошироко, но сепак не успеаа да ги усогласат ставовите околу формулацијата на заклучоците кои се однесуваат на осудување на руската агресија во Украина.

Разговараме за сите регионални иницијативи кои се одвиваат сега, за Берлинскиот процес и за Отврен Балкан и моја главна оценка е дека има потенцијал уште повеќе да се зајакне таа регионална соработка меѓу земјите кои припаѓаат на Западен Балкан. Единствено спорно прашање беше околу формулациите на заклучоците и за жал не дојдовме до усвојување на заклучоците, кои се однесуваат не на сите, туку само за две за осудување на руската агресија во Украина, а одлуките се донесуваат со консензус и затоа немавме можност истите да ги усвоиме. Очекувам на следната конференција дека ќе имаме заклучоци усвоени со консензус, рече претседателот на Комисијата за европски прашања во Собранието на Република Северна Македонија Арбер Адеми.

Додаде дека на конференцијата било потенцирано дека нашата земја и Албанија што побрзо треба да ги почнат и официјалните преговори за членство во ЕУ, Косово треба да добие визна либерализација, Црна Гора и Србија да продолжат со преговорите за членство, а Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус.

Морам да признам дека сите разговори и дискусии се одвиваа на конструктивен начин. Ја осудивме руската агресија, го поддржуваме територијалниот интегритет и суверинитет на Украина со постоечките граници кои се меѓународно признати и секако дека ЕУ треба да продолжи со своето внимание во регионот и треба да има позитивни одлуки за отворање на европската перпектива на целиот регион и на сите земји кои припаѓаат на Западен Балкан, бидејќи не само географски туку и историски припаѓаме на европското семејство, споделуваме исти вредности, така што очекуваме дека ќе има позитивен исход од ова партнерство и дијалог со европските институции, вели Адеми.

На конференцијата не присуствуваше само делегација од Србија поради внатрешни причини односно  сеуште не конституирано собрание.

Следната конференција на парламентарните комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во Процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа треба да се одржи во Црна Гора.

Н.С.Ј.