Охрид и Охридското Езеро повторно во фокусот на регионалните медиуми. Популарниот хрватски портал „Index“ објави туристичка сторија за македонскиот бисер, потсетувајќи дека патописците на реномираниот „Time Out“ го избраа Охридското Езеро за најубаво место во Европа за 2026 година.
Под наслов „Поевтино од Комо, а подеднакво спектакуларно“, Index го претставува Охридското Езеро како атрактивна дестинација која нуди поинакво искуство од познатото италијанско езеро – помалку гужви, поприфатливи цени и впечатлив спој на природа, историја и култура.
Хрватскиот портал го издвојува Охрид како главен туристички центар на македонскиот брег, посочувајќи ги стариот дел на градот со тесните калдрмисани улици, средновековните цркви и препознатливите покриви кои се спуштаат кон езерото. Како дел од искуството што го нуди дестинацијата се наведуваат капењето во езерото, истражувањето на античкото наследство и зајдисонцата зад планините.
Сторијата на Index се повикува на „Time Out“, кој пролетва го постави Охридското Езеро на првото место на листата на најубави места во Европа за 2026 година. Изборот го направија патописци и уредници на магазинот врз основа на местата што лично ги посетиле на своите патувања низ континентот.
Во оригиналниот избор, „Time Out“ посебно ја истакнува македонската страна на езерото и Охрид со неговите цркви и богатото културно наследство. Како една од највпечатливите глетки е посочена црквата „Св. Јован Канео“ над синилото на езерото, која магазинот ја опишува како спектакуларна.
„Time Out“ подоцна му посвети и посебна туристичка сторија на Охридското Езеро, споредувајќи го со славното езеро Комо. Додека италијанската дестинација привлекува огромен број посетители и светски познати личности, Охридското Езеро е претставено како помирна и финансиски подостапна алтернатива која не отстапува кога станува збор за пејзажите – сина вода, планинските пејзажи и историски населби покрај брегот.
Регионалниот интерес за Охрид деновиве не завршува со Index. И хрватски „Tportal“ објави сторија за Охридското Езеро, исто така претставувајќи го како алтернатива на Комо без високите цени и големите туристички гужви.
Охридското Езеро во изборот на „Time Out“ се најде пред термалните извори Сатурнија во Тоскана, Giant’s Causeway во Северна Ирска, Алберобело во Италија, Почитељ во Босна и Херцеговина и норвешките фјордови.
OhridNews
Извор: „Index“ I „Tportal“ I Time out
















