Сите даночни обврзници кои од наредниот месец ќе преминат во тримесечни ДДВ-обврзници, а кои не се регистрирани на системот за електронско пријавување на ДДВ во Управата за јавни приходи, треба за најкратко време да се регистрираат за да бидат во можност да ги запазат законските рокови за пријавување на ДДВ.
Како што соопшти УЈП, според последните податоци од вкупно 10.793 годишни ДДВ-обврзници, сж уште не се регистрирани 444.
Со измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадената вредност се укинува можноста како даночен период да се смета календарска година. Во насока на имплементација на законските измени Управата за јавни приходи на сите годишни ДДВ-обврзници, кои од 1 јули 2014 година преминуваат во тримесечни ДДВ-обврзници, ќе им достави решение за измена на даночен период за ДДВ.
За прв даночен период во 2014 година ќе се смета периодот од 1 јануари до 30 јуни 2014 година за кој оваа категорија на ДДВ-обврзници ќе треба да поднесат ДДВ-04 пријава преку е-даноци и да извршат плаќање на ДДВ-обврската најдоцна до 25 јули 2014 година.
Регистрирањето се врши преку системот на е-даноци на веб-страницата на УЈП.
OhridNews