Кај три лица по направени лабораториски анализи се добиени позитивни резултати за присуство на западнонилска треска. Две лица биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје од кои едното починало во текот на вчерашниот ден со дијагноза енцефалитис на возраст од 53 години.

Станува збор за ризичен пациент кој претходно боледувал од дијабетес, хиптертензија и зголемена телесна тежина. Лицето на Клиниката било хоспитализирано од 11 септември. Второто лице е на возраст од 66 години со дијагноза менингоенцефалитис и во моментов е во добра општа состојба, во фаза на излекување. Третото лице е дете хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести, родено 2005 година, со дијагноза менингитис и тоа е во добра општа состојба и во фаза на излекување.

За случаите Институтот за јавно здравство го информирало и Министерството за здравство.

Со направените анализи се потврдува присуството на вирусот на западнонилска треска и во Македонија како и во поголемиот дел од соседните земји – Грција, Србија, Хрватска, како и во Романија, Русија, Италија, САД итн. Минатата година беа докажани четири позитивни случаи на западнонилска треска кои беа успешно излекувани.

Западнонилската треска е заразно заболување кое се пренесува на човек при каснување од комарец и може да предизвика сериозни заболувања од кои најопасното е менингитис, енцефалитис и полиомиелитис (парализа).

OhridNews
извор: МИА