Започна рехабилитацијата и поправка на дел од регионалниот пат Охрид-Свети Наум. Како што информираат од Авто Мото Сојузот на Република Македонија (АМСМ) почнувајќи од 24 октомври сообраќајот се регулира со содветна сообраќајна сигнализација и истиот се одвива непречено.
Во јуни годинава, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, најави дека оваа година ќе започне рехабилитацијата на дел од патниот правец од Охрид кон Свети Наум, со, како што рече, единствена цел, граѓаните да добијат достојна сообраќајница, но и да се зголемени безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Изведувачот на работите е воведен во работа на 04.08.2023 год. меѓутоа одобрение за времена измена на режим на сообраќај за време на рехабилитација и поправка на државен пат Р1301, делница: Охрид – Свети Наум, подделница Коњско – ГП Свети Наум е добиено на 13.10.2023 год., со што изведувачот може да започне со работите на терен. Со проектот не е предвидена реконструкција, туку е предвидена рехабилитација и поправка на постоечкиот пат. Рокот предвиден за изведување на градежните работи е март 2025 -та, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.
Изведувач на работите е Илинден АД Струга, а рехабилитацијата и поправката на државниот пат Р1301, делница: Охрид – Свети Наум, подделница Коњско – ГП Свети Наум ќе чини 9.75 милиони евра.
Н.С.Ј.