Во Италија е претставен новиот „Фиќо“, под името Фиат 500, кој веројатно ќе постане хит меѓу љубителите на мали автомобили.

Иако го сметаа за наследник на стариот популарен „Фиќо“, новиот и стариот Фиат 500 се два потполно различни автомобили. Новиот модел повеќе делува како fun-car, додека стариот беше вистинска потреба.


Без оглед што почетната цена на овој модерен „Фиќо“ е околу 10 илјади евра, производителите сметаат дека само во оваа година ќе продадат 58 илјади автомобили, а следната 120.000. Стариот модел на Фиат 500 брзо постана многу повеќе од автомобил и стекна култен статус, а производителите веруваат дека и со новиот модел ќе постигнат голем успех.

Реинкарнираниот модел е долг 357 сантиметри, широк 165 и висок 149 сантиметри. Во понуда ќе бидат три мотори, два бензинци и еден дизел. Фиат ветува ново ниво на квалитет и сигурност, а ни опрема нема да недостига.

Премиерата е закажана во Торино, на 4 јули оваа година, точно 50 години откако беше претставен стариот Фиат 500. „Фиќото“ ќе се произведува во полскиот град Тучуја, во кој се составува и новиот „Форд Ка“.

С. Костоски
Н.Цветанов