Оштетувањата што ги предизвика надојдената река Далјан (Коселска) и натаму претставуваат сериозна закана за Извидничкиот центар и хотелот „Далјан“ кои се наоѓаат во непосредна близина. Ерозијата на коритото продолжува, а поради нестабилното тло накривени се повеќе бандери.
Вработените во Извидничкиот центар се загрижени за трафостаницата која се наоѓа во непосредна близина на реката и апелираат до надлежните да преземат соодветни мерки, за да не биде загрозено нивното работење.
– Бидејќи е направена штета од невреме очекуваме дека локалната самоуправа ќе ги преземе сите неопходни мерки за брзо санирање на проблемот. Наскоро ни доаѓа туристичката сезона, во опасност е и трафостаницата, може да останеме без струја, може да останеме и без работа, затоа се надеваме на брзо санирање на проблемот. – изјави Дончо Тодоровски од Сојузот на извидници на Македонија.
Претставници на локалната самоуправа и на јавните претпријатија денеска извршија увид на местото каде реката Далјан предизвика сериозни оштетувања на локалниот пат кој води до Извидничкиот центар и хотелот „Далјан“. Секретарот на општината Димитар Спасески најави дека наскоро ќе започне итна санација на оштетените делови со цел да се спречи натамошната ерозија.
-Оштетувањата се предизвикани од неодамнешните обилни врнежи од дожд. Формирана е работна група која има за цел да ги согледа сите аспекти на проблемот и да изготви соодветно решение за санација. Денеска е финалниот увид на работната екипа, подготвен е акционен план со конкретни активности и задолженија за секое лице и институција за решавање на овој проблем. Ќе биде ангажирана градежната механизација на јавните претпријатија, во текот на денешниот ден се очекува да пристигне потребниот камен со кој ќе се изгради насип со цел да се заштити тлото од понатамошна ерозија, а до утре треба да биде подготвена потребната техничка спецификација врз основа на која ќе се распише тендер, со што во втора фаза овој проблем би бил решен така што никогаш повеќе да не се повтори. – рече Спасески.
Запрашан зошто локалната самоуправа не интервенирала порано, бидејќи вработените во хотелот „Далјан“ и Извидничкиот центар укажувале на проблемот со месеци, на што во петокот посочи и Општинскиот совет за безбедност, како и дека истиот е настанат по чистење на коритото, Спасески рече дека не се согласува со таквата констатација.
-Факт е дека овој дел од коритото на реката Далјан беше тесно грло и по поплавите кои го зафатија охридскиот регион оневозможуваше проток на водата. Направена е интервенција, проширена е реката, но до овој момент не се јавуваше некој крупен проблем. Не се работи за толку голем проблем да се случувал толку долго, а некој да не интервенирал. – рече Спасески.
Експерти долги години укажуваат на потребата од регулирање на коритото на реката Далјан, но спорд локалната самоуправа ова прашање заслужува сериозна стручна анализа.
-Навистина во овој момент немам прецизен податок каде се треба да се интревенира на реката Далјан. Ние како локална самоуправа сме повикани единствено од потребата за ургентно решавање на проблемот. Секако дека за регулација на овој голем водотек треба да се вклучат и државни институции, соодветните ресорни министерства и владини дирекции заедно со локалната самоуправа и владата да изнајдат определено решение, но секако крајниот збор за тоа ќе го имаат стручните лица.-истакна Спасески.
Инаку првата група гости во хотелот Далјан и Извидничкиот центар се очекува да пристигне во месец март. Дотогаш треба да се заврши првата фаза од санацијата на оштетувањата што ги предизвика надојдената вода, за да не се загрози работењето на туристичките комплекси.
Г.М.