Екологистите и научните работници од Охрид, веќе долг временски период дебатираат за тоа дали да се исправи грешката од 60-тите години, кога реката Сатеска е пренасочена во Охридското Езеро.

Иако се уште постојат спротиставени ставови и мислења за оваа идеја, сепак многумина апелираат дека наносите од песок, градежен шут, отпад, тешки метали и фосфор влијаат не само врз природниот еко-систем на езерото, туку преку синџирот на исхрана директно врз човекот и неговото здравје.

Иако постојат спротиставени ставови, преовладува мислењето да се врати Сатеска во старото корито, бидејќи реката природно била таму. Тоа е изменето во 60-тите години од минатиот век со наредба од Колишески, поради изградбата на централите, без притоа да се мисли на последиците кои можат да влијаат врз езерото.“ – велат Борче Стојаноски и Ѓоко Зороски од Еколошкото друштво „Грашница“.

Хемиско загадување на езерото

Како што објаснуваат од Еколошкото друштво „Грашница“, годишно во езерото се внесуваат 113 000 метри кубни нанос, од кои 38 тони припаѓаат на фосфорот.

Хемиското загадување е предизвикано од тешките метали и пестициди, кои штетно влијаат врз езерото. Фосфорот и наносот предизвикуваат механичко и хемиско загадување на водните басени. Преку синџирот на исхрана одат во планктоните, оттаму во рибата и директно во човекот.“  – објаснува Зороски.

Наносите го полнат езерото, на истекот од реката расфрлан градежен шут

Екологистите сметаат дека најголем проблем претставуваат големите количества нанос кои со себе ги носи реката Сатеска, поминувајќи низ селата во Дебрца. Како што велат од ЕД „Грашница“, градежниот шут кој е видлив на самото устие од Сатеска, влијае на квалитетот на водата и водниот свет во реката и езерото.

Проблем има и во струшкото поле, бидејќи големи количини на градежен шут се расфрлани околу реката. Посебно се видливи околу нејзиното устие, каде има натрупан градежен материјал. Бидејќи има голем број птици кои се поврзани со крајречната вегетација, честопати луѓето вршат интервенции, ја корнат вегетацијата, која во суштина ги штити речните брегови од ерозија, а придонесува за мрест на одредени видови риби и птици.“ – велат од ЕД „Грашница“.

Потребно е да се подигне свеста кај земјоделците

Честопати, несовесни поединци во водите на Сатеска ги исфрлаат трулите земјоделски производи кои не се употребливи, а создаваат проблеми во овој речен басен.

Потребно е да се подигне свеста кај земјоделците, затоа што голем број од производите кои не се употребливи, се фрлаат директно во реката. Тоа е доста присутен проблем кој загрижува. Затоа е потребна едукација за употреба на органската маса на поинаков начин, без притоа да се фрла директно во реките или да се прават депонии.“ – потенцираат од ЕД „Грашница“.

Мора да се одржува биолошкиот миниум во реката

Водостојот во реката Сатеска често пати осцилира, особено во сушните летни периоди. Но како што велат од ЕД „Грашница“, овие осцилации се должат и поради енормното одземање вода од реката за потребите на земјоделците.

Имаме одземање вода од коритото посебно во сушните периоди. Потребно е спроведување мерки за ефикасна употреба на водата во земјоделието. Често не се ни одржува биолошкиот миниум, кој треба да биде отприлика 30 отсто од количеството вода во реката.“ – вели Зороски.

Браната во Волино спречува миграција на одредени видови риба

Дел од браните кои во минатиот век се изградени на реката Сатеска, играат клучна улога во спречувањето на миграцијата на одредени видови риби.

На пример кај Волино и Мешеишта, се спречува миграцијата на некои риби. Во минатото, охридската пастрмка мигрирала до Сини вирој, а тоа е отприлика 25 километри северно од езерото. Но изградени се препреки кои овој природен процес го оневозможуваат.“ – истакнуваат од ЕД „Грашница“.

O.T.