Денес се одбележа завршувањето на реконструкцијата на улицата „Кирил и Методиј“ во стариот дел од градот, каде во должина од 450 метри беше поставен нов асфалт и улицата беше проширена. Како што нагласи градоначалникот Никола Бакрачески, реконструкцијата на оваа улица е во рамки на проектот за реконструкција на улиците и потпорните ѕидови во стариот дел од градот.
– Овој пат повеќе од дваесеттина години не бил реконструиран, освен во долниот дел . Тоа го бараа и жителите од овој дел од градот и ние како одговорна локална власт имаме обврска да одговориме на нивните потреби. Патот беше ставен во програмата на секторот за комунален развој и еве денес ја означуваме реализацијата на првиот дел од проектот, рече градоначалникот Бакрачески.
Од месната заедница Стар град изразија благодарност што се реализирал зафатот кој е од големо значење и за граѓаните и за туристите кои во голем број го посетуваат овој дел од градот.
– Во име на жителите сакам да упатам благодарност до локалната самоуправа и градоначалникот за сите овие зафати кои се од големо значење за жителите, но и за сите останати граѓани и туристите и промоцијата на културното наследство кое го имаме во стариот дел од градот, рече претседателот на месната заедница, Горан Патчев.
Финансиската конструкција на проектот изнесува од 2 милиони и 400.000 денари, а изведувач е акционерското друштво „Илинден“ од Струга.
Од локалната самоуправа информираат дека реализацијата на проектот продолжува и во наредниот период и најавуваат дека до почетокот на летната сезона ќе бидат реконструирани и останатите улички и оштетени потпорни ѕидови во стариот дел од градот.
OhridNews