Реконструирано осветлувањето на пешачките патеки во „Вевчански Извори“ и поставени 10 нови информативни табли низ целото заштитено подрачје – Споменик на природата Вевчански извори, во рамките на активностите на Општина Вевчани и Еко-свест Вевчани.

Општина Вевчани информира дека во рамките на втората фаза од реконструкција на осветлувањето на пешачките патеки во локалитетот „Вевчански Извори“ продолжуваат со уредувањето и подобрувањето на условите во еден од најзначајните туристички и природни локалитети во општината.

Со реализацијата на втората фаза од реконструкцијата на осветлувањето на пешачките патеки во „Вевчански Извори“, продолжуваме со обновување и модернизирање на постојната инфраструктура, со цел да се обезбеди подобра осветленост, поголема безбедност и пријатен амбиент за посетителите, стои во информацијата на Општина Вевчани.

Еко-свест Вевчани соопшти дека изминатиот период работеле на унапредување на искуството на секој посетител и заштита на природните вредности во заштитеното подрачје.

Информативните табли ги поставивме бидејќи сакаме секој посетител одблиску да се запознае со исклучителниот биодиверзитет, ретките видови и уникатните природни карактеристики на овој регион. Тие нудат насоки за движење низ патеките, поттикнувајќи ги одговорното однесување во природата и зачувувањето на чистотата на изворите. Подобрата информираност значи директна заштита на живеалиштата на растенијата и животните кои го нарекуваат ова место свој дом, стои во информацијата на Еко-свест Вевчани.

Активностите, додаваат, се дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори – Фаза 2“ спроведуван од Еко-свест, а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.

OhridNews