Условите за сместување и престој на ученици и студенти во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид не се идеални, но се сосема пристојни, дури над стандардите кога станува збор за објектите за ученичко сместување во државата.

Зградата стара речиси шест децении е меѓу осумте објекти за сместување студенти и ученици кои преку проект на Министерството за образование и наука со финансиска поддршка на Германската развојна банка ќе бидат целосно рекунструирани.

За реконструкција на објектот во Охрид од обезбедените средства се предвидени два милиони евра. Реконструкцијата се очекува да почне во октомври и според проектот да трае 18 месеци. Објектот ќе биде целосно реконструиран со нова енергетски ефикасна фасада, централен систем за затоплување и климатизација, со нова електрична и санитарна инсталација, модернизација и современо ентериерно уредување, вели директорот Жарко Куциноски.

Она што во моментов можам да го кажам, додава Куциноски, е дека студентскиот дом е во добра кондиција, за годините колку е во функција.

Објектот е во поодминати години, но добро е одржуван. За изминатите четири-пет години доста е вложено во него, како во осветлувањето со замена на енергетски ефикасни лед светилки, така со поставување безичен интернет во целиот објект и телевизори со сателитска програма на првиот кат, потенцира Куциноски.

Додава дека собите за сместување на студентите се пристојни, загреани, сите со сопствен санитарен јазол и топла вода. Кога станува збор за исхраната, домот располага со сопствена кујна и ресторан, каде за студентите се секој ден се приготвуваат и сервираат свежи оброци.

Во соработка со Центарот за јавно здравје од Охрид, се спроведува и дезинфекција, дезинсекција и дератизација на целиот објект, како во заедничките простории така и во собите за сместување.

Самите студенти, пак, генерално задоволни од сместувањето и условите во домот. Велат дека условите не се лоши, храната е пристојна, а за хигиената свесни дека тоа зависи најмногу од нив самите.

Инаку, студентскиот дом „Никола Карев располага со 240 легла, а моментално во него има 120 студенти, како и стотина ученици од Регионалниот центар за стручно образование „Ванчо Питошески“ чиј интернат моментално се реконструира.

OhridNews