Реконструкција на улици и локални патишта и изградба на канализациска мрежа се клучни проекти што Општина Вевчани ги реализира во текот на оваа година, за што се обезбедени 29 милиони денари.

Градоначалникот Спасе Кочовски информира дека во тек е реконструкцијата на улиците „Попој – Млака“ и „Шопој – Здравствен дом“, двете во должина по околу 650 метри.

Годинава ќе се задржиме на инфраструктурата, изградба на канализациска мрежа и реконструкција на локални улици и патишта. Само оваа година, како никогаш досега за реконсктуркции на улици и патишта во Општина Вевчани ќе бидат инвестирани 29 милиони денари, истакна Кочовски.

Во рамки на проектот за реконструкција на улиците, нагласи дека прво се поставува канализациска мрежа онаму каде што нема, како и подземни кабли за електрична инсталација и на телефонските и интернет операторите, па потоа се преминува на асфалтирање.

Во тек сме на изработка на проекти за реконстуркција и на други улици низ општината и краци на канализација, со што ќе се покриеме над 90 отсто со канализациска мрежа во општината, додаде Кочовски.

На дел од улиците кои се покриени со бекатон плочки, тие ќе бидат заменети со асфалт за полесно одржување во зимскиот период. Улиците, пак, со заштитена вевчанска архитектура, ќе ја задржат автентичноста со камени плочи.

OhridNews