Реконструкцијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“, што започна на почетокот на годината, се одвива според планот и е во напредна фаза, вели директорот на здравствената установа, д-р Митко Тилески.

Се реконструираат болничките соби, операционите сали, ќе биде набавена нова опрема, а дел е веќе во болницата. За недела или две треба да се пушти во употреба и дијагностичкиот центар каде го имаме добиено компјутерскиот томограф и дигиталниот ренген апарат со чија примена ќе се подобри дијагностиката и лекувањето на пациентите, што ни е и приоритет. И покрај градежните зафати нема застој, сите операции се вршат, повремено има мал метеж, но се надевам дека пациентите имаат  разбирање за посебните услови во кои се работи, вели д-р Тилески.

Истовремено се изведуваат градежни работи и во делот во кој ќе биде сместен Заводот за кардиологија.

Како што претходно беше најавено, краен рок за реализација на проектот е 2017 година, а предвидено е реконструкцијата да се изведе во две фази.  Првата фаза опфаќа реновирање на централната стара болничка зграда, реорганизирање на амбулантите, лабораторијата, дијагностичките содржини и централна стерилизација, како и реновирање на операционите сали со интензивна нега и болничките одделенија, со оформување на бањи во секоја соба и комплетирање на одделенијата со сите потребни содржини.

Втората фаза ќе трае од 2017 до 2019 година и ќе опфати изградба на модерен Центар за интервентна кардиологија, каде во иднина ќе функционира Заводот за кардиологија. Втората фаза предвидува дооформување на ортопедската болница и создавање услови за имплементација на  проектот за Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Салите за интервентна кардиологија ќе бидат во ортопедската болница, изградени по  сите европски станадарди.

Реконструкцијата се врши со средства од буџетот на РМ во висина од 65 милиони денари.

Т.К.