Реал Мадрид ја освои рекордната 11-та титулата во Лигата на Шампиони победувајќи го градскиот ривал Атлетико по изведувањето на пеналите 5-3 (1-1) во финалето кое се одигра на Сан Сиро во Милано.
Мадридските екипи одиграа содржајно финале вклучувајќи ги и дополнителните триесет минути продолжение. Имаше два голови, промашен пенал и беспрекорна борба до последниот атом од човечкото тело.
„Кралевите“ поведоа во 15-та минута со голот на Серхио Рамос кој беше постигнат од сомнителна позиција.
Атлетико прва шанса за егал имаше на стартот од второто полувреме, но Ентони Гризман не реализираше удар од белата точка.
Бројките на семафарот во 79-та минута ги изедначи Јаник Караско кој во игра влезе во второто полувреме.
Продолженијата понудија возбудувања, но не и голови и победникот се одлучуваше по изведувањето на пеналите.
Лукас Васкез, Марсело и Герет Бејл во првите три серии прецизни беа за Реал Мадрид, а непогрешливи за Атлетико беа Гризман, Габи и Саул Нигез.
Во четвртата серија Серхио Рамос погоди, Хуан Фран не, а Кристијано Роналдо со гол во петтата серија го обои европскиот фудбал во бело.
За „кралевите“ ова е рекордна 11-та титула втора извојувана против градскиот ривал Атлетико.
Мх.П.