Врз основ на издадени одобренија за поставување урбана опрема и за комунална такса, во општинската каса деновиве се слеале  над 97.000 евра, односно над 5.900.000 денари. Како што потенцираат од локалната самоуправа, за прв пат годинава, од вкупно пријавените 65 субјекти за добивање одобренија за поставување урбана опрема, само пет од нив не ја подмириле обврската , бидејќи им била вратена документацијата на усогласување со фактичката состојба. Тие ќе бидат строго контролирани со цел да не постават урбана опрема додека не го уплатат бараниот износ.

Прв пат годинава сите субјекти ја уплаќаат и давачката од 1000 денари која се уплаќа пред да се подигне одобрението од архивата на Одделението за урбанизам, додека во минатите години оваа давачка субјектите ја одбегнуваа и одобренијата ги земаа преку пријателски канали, велат од локалната самоуправа.

Секој субјект кој добил одобрение за поставување урбана опрема има обврска да уплати и 6000 денари во ЈП „Охридски комуналец“за одржување на комуналната хигиена.

Најнискиот износ кој е уплатен врз основ на издадено одобрение за поставување урбана опрема и за комунална такса е од физичко лице и изнесува 1.260 денари, додека највисокиот уплатен износ е од приватна фирма и тоа во висина од 573. 260 денари.

Наплатата се реализираше по низата инспекциски акции, при што од локалната самоуправа беше потенцирано дека ниту еден субјект нема да биде толериран или привилегиран.

Т.К.