Здружението на риболовци спортски клуб „Рибарски приказни“ од Скопје, поддржано од над 1.260 потписници на онлајн петицијата, алармира за неодржливата состојба со рекреативниот риболов во државата.
Рекреативните риболовци од цела Македонија покренаа масовна иницијатива и онлајн петиција со која бараат итно преиспитување на Законот за рибарство и аквакултура. Главната причина за незадоволството се енормно високите цени на дозволите, кои го рангираат рекреативниот риболов во Македонија како најскап на целиот Балкан. Риболовот станува луксуз, а не спорт, реагираат од Иницијативниот одбор на петицијата.
Потенцираат дека додека во соседните земји риболовот се поттикнува како здрава навика и еко-туризам, во Македонија тој станува недостапен за обичниот граѓанин.
Според податоците собрани од риболовната заедница, македонскиот риболовец плаќа драстично повеќе од своите колеги во регионот: Македонија: 9.000 денари (Рекорд на Балканот), Србија: 4.600 денари (двојно поевтино), Хрватска: 3.700 – 6.000 денари (поевтино дури и во ЕУ), Албанија: 1.800 денари и Бугарија: 1.500 денари (6 пати поевтино од МК).
Преку оваа петиција, упатена до Собранието на РСМ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се бара: намалување на цените и нивно усогласување со економскиот стандард и регионот, важност на дозволите од 365 дена (наместо тековниот систем до крајот на календарската година), посебни повластици за младите и пензионерите, како и транспарентност: риболовците бараат да знаат каде завршуваат нивните пари, со оглед на тоа што многу води се преловени, узурпирани со мрежи и без соодветна чуварска служба, велат од Иницијативниот одбор на петицијата.
Воедно, прашуваат со која логика македонскиот риболовец плаќа 600% поскапа дозвола од бугарскиот?
Риболовците предупредуваат дека високите цени го зголемуваат нелегалниот риболов и го уништуваат еко-туристичкиот потенцијал на земјата. Тие најавуваат дека нема да застанат со петицијата и бараат итна средба со надлежните институции.
Од ЗРРСК „Рибарски Приказни“ најавуваат дека доколку надлежните не покажат слух за овие барања, иницијативата ќе се прошири со поддршка од сите риболовни здруженија во државата и помасовни протести.
OhridNews












