За неполни три дена видео спотот од преработката на народната песна „А бре Македонче“ на „Балкан бенд“, ремек дело во режија на охриѓанецот Даниел Јовески, има речиси 75 000 прегледи и стотици позитивни коментари на социјалните мрежи.

Дел од коментарите на официјалниот спот за песната „А бре Македонче“. Извор YouTube

Спотот визуелно ги поместува границите во секој поглед. Јовески на извонреден начин ги оживува големите македонски херои од минатото, истовремено вдахнувајќи современа нишка, која всушност е силна емотивна порака упатена до сегашните генерации.

Овој проект главно има концепт на револуција, според идеологијата на сите големи луѓе кои што се вметнати во клипот. Исто сакам да споделам една важна информација која лично ја проучив во Библијата, дека термините Македонија, Македонец, Македонски се спомнати дури 44 пати во стариот и новиот завет. Одлуката во клипот да се стави 21ви век е многу важна за концепотот да допре длабоко до народот, бидејќи така ќе го препознаат тоа што моментално сите го живеат, а живеат во илузија, брз живот, кариери, пари. Сите некаде брзаат, а никој не знае каде точно оди, духовното е изгубено, забораваат на каква земја газат сите, па затоа наеднаш запира времето насекаде и станува наеднаш се неважно. Душевниот мир е најважен, верата, почитта кон семејството, љубовта кон татковината, претците, тоа ти дава смисла на нештата во животот. – вели во изјава за OhridNews режисерот Даниел Јовески.

Аранжманот на песната е на Дарко Илиевски, а снимена и монтирана е во студиото XL Momiroski на Дејан Момироски. Сценариото, режија, камера и пост продукцијата на видео спотот во кој се појавуваат бројни охриѓани, се на Даниел Јовески.

Г.М.