Со голот на Пеце Георгиевски во последната секунда од мечот составот на Охрид извлече реми на домашен терен 20-20 (10-8) со Пролет во третата рунда од плејофот во Супер лигата. Поделбата на бодовите на крајот беше најреална во СРЦ „Билјанини Извори“, бидејќи двете екипа имаа по едно добро полувреме.

Охриѓани маестрално го отворија мечот. Одбраната и Трајкоски го маѓепсаа голот примијќи само два голови во првите 15-тина минути, додека нападот беше на посакувано ниво за 8-2.

Неочекувано, Охрид после најголемото водство застана, а Пролет постепено гол за гол ја анулираше предноста и дојде до минус еден 8-7. „Гладијаторите“ со добар финиш го издржаа налетот на Пролет и на одмор заминаа со плус 2 (10-8).

На стартот од второто полувреме Охрид стигна до водство од три погодоци (12-9), но гостински ракометари одговорија со 3-0 за второ изедначување (12-12) после почетните 1-1.

Играта гол за гол им годеше на охридските ракометари до 50-та минута, кога „пролетерите“ поведоа прв пат на мечот (17-16). Од тој момент до финишот гостинските ракометари имаа предност, во последниот напад при позитива од еден гол (20-19) не реализираа два удари, а казната стигна на крајот кога Георгиевски погоди за реми 20-20.

Со освоениот бод Охрид ќе го избегне дното од табелата, додека Пролет направи голем чекор напред кон пласманот на местата кои водат во Европа.

Голгетерски во составот на Охрид се истканаа Младеновски и Андоновски кои постигнаа по пет голови, а голманот Трајкоски успеа да одбрани 12 противнички удари. Кај гостите седум погодоци постигна Александар Василевски, а голманот Кимески запиша 14 успешни интервенции.

Во плејофот следува недела дена пауза, но екипите ќе ги завршуваат своите обврски во 1/4 финалето во Купот на Македонија.

Мх.П.