Охрид, градот на УНЕСКО, заедно со Езерото, е посакувана дестинација за добронамерници од целиот свет. Не случајно, градот се развил во прв туристички центар во земјата. Охрид не е посакуван само од туристите, неговите потенцијали се огромни. Потребно е само знаење и добра волја да се искористат. Со својата инфраструктура, пред се  СРЦ „Билјанини Извори” и преуредениот  зелен фудбалски терен со  модерната трибина, Охрид е од Бога даден за развој на спортскиот туризам. Преку зимата, а и во останатите месеци, тука доаѓат спортски екипи на подготовки.

Срамежливо и не премногу нагласено, Охрид го развива и здравствениот туризам. Познато е дека во Кардиолошкиот центар, во туристичката населба „Свети Стефан”, доаѓаат пациенти на рехабилитација од целата земја. Помалку е познато дека во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо”, доаѓаат пациенти и од соседните земји. Тука се изведуваат најсложени операции, а болницата располага со стручен кадар. Единствено овде, од  пошироките балкански простори, се изведуваат зафати на продолжување на екстремитети, по методот на рускиот академик Илизаров.

Без многу помпа Охрид го развива и ловниот туризам. Паралелно, ја продолжува и традицијата на збратимување  помеѓу градовите, што  е една убава,  благопријатна и сестрано корисна манифестација, која остава трајни белези, често и плодови од соработката. По Втората светска војна, еден од првите градови со кои Охрид се збратими, беше Крагуевац. Градот – херој, градот во кој германскиот фашистички окупатор направи најужасни злосторства – стрелајќи ученици. Стрелани се 3.000 цивили, мегу нив и 300 ученици од 8 до 15 години. Во меморијата на цивилизацијата, воопшто, ќе остане реченицата на нивната учителка: „Стрелајте, јас и сега држам час”!

Секоја година, до ден-денешен, Охрид и Крагуевац разменуваат делегации. Вообичаено, како повод се користат деновите на ослободувањето. За Охрид  тоа е 7 Ноември. Плод на побратимството на Охрид и Крагуевац, беше големиот стопански гигант “Застава-Херој Тоза Драговиќ”, создаден од времето, кога, во  гигантот крагуевачка “Застава”, генерален директор беше легендарниот стопанственик Миодарг Мициќ. Охридскиот капацитет стигна до 3 илјади вработени.

Таа традиција, денеска ја продолжуваат ловците од двата града, како и соседното на Крагуевац место – Баточина. Се разменуваат посети, продолжуваат збратимувањата. Деновиве, бевме во прилика, да го сведочиме тоа пријателство и братски однос. Од Крагуевац и Баточина, во Охрид  допатува четворочлената група ловци: Драган Боиќ, Воја Вучиниќ, Предраг Миловановиќ и Жељко Јовановиќ.  Беа гости на ловното друштво “Охрид” од Охрид. Домаќините ги сместија во Охрид, а им приредија другарување и лов по планините на Дебрца. Сепак, другарувањето на сред село во Лешани, заедничката прослава на Богојавление- Водици и Православна Нова Година, заедно со богатата скара како што  самите кажуваат нема никогаш да ги заборават.

Со нив беа потпретседателот на друштвото Даниел Огненоски, како и претседателот на охридскиот огранок, Лука Ракетиќ и забавувачот и ловец Жанко ЗШ Голабоски. Тие само ја продолжуваат традицијата, која, пред нив, ја граделе познати ловци и авторитетни лчичности од Охрид. Од познатото ловечко семејство Котели: генерал  Филип Котели, заедно со неговите двајца браќа.  Писателот и општественик Видоја Видически и многу други.

Денес, тоа го продолжуваат младите генерации, од двете ловечки друштва и двата братски града.

Соработуваме со пријателите од Баточина осум  години, како продолжување на соработката долга повеќе од половина век, со ловците од Крагуевац. Таму го имаме нашиот верен пријател Здравко Младеновиќ, градоначалник во неколку мандати, иницијаторот на зближувањето. Секако и Драган Боиќ од Ловното друштво “Рогот”, инаку и директор на нивното јавно комунално претпријатие “Лепенец”. Ни доаѓаат, им одиме, вели Даниел Огненоски потпретседател на Ловечкото друштво “Охрид”, од Охрид.

Баточина е градче од 6.000 жители. Седиште е на истоимената општина во Шумадискиот округ. Тоа е старо место, прв па се споменува од 1476 година од турскиот патописец Евлија Челебија. Спаѓа во централниот дел на Србија, на источните предели од Шумадија, на двете страни од реката Лепенец, притока на Велика Морава. Има одлична сообраќајна поврзаност – железничка и автопатска (коридорот 10) кон Македонија. Има настава од 1836 година.

Ловечка дипломатија – од Велика Морава до “малиот” Босфор: И султанот Мехмед Четвртти,  бил пасиониран ловец 

Ловците од Охрид, Македонија и Србија за себе велат дека се амбасадори на своите земји. Меѓу себе и кон трети партнери. Ловците од Охрид, воспоставија братска, ловечка соработка со своите браќа по нишан од турскиот мегаполис Истанбул, односно приградската населба Силиври нтичка Селимбрија), град и област во провинцијата Истанбул, покрај морето на Мармара, надвор од урбаното јадро на Цариград.

Со својот брег долг 45 километри Силиври е туристичка мека.  Го красат спортски центри, дискотеки, ексклузивни хотели и ресторани, голф терени, картинг патеки, центри за јавање коњи и тениски терени, здравствени и конференциски центри… За време на викендот, областа е преполна со посетители.

Нашиот соговорник, Даниел Огненоски, додава дека областа е рај и за ловците. Тука, вели, ловел и Султанот Мехмед Четвртти, викан ловџија, кој ловејќи дива свиња качен на коњ, паднал од коњот, си го скршил колкот, а набрзо после тоа и починал. Тој е влезен и во литературата како страсен ловец, највеќе кај нобеловецот Орхан Памук, во романите ”Белата тврдина” и “Нов живот”.

Дивечот се лови, но мора да се чува и прехранува – се градат  планински  ловечки домови и хранилишта

Ние, дури и со пушки, сакаме да го срушиме стереотипот дека Балканот е синоним на крв и мед. Балканот може да биде и место за љубов, за соработка, разбирање, припомош, заеднички живот и уживање, се шегува Огненоски.

Неодамна во Охрид, присутни беа ловците од Силиври, предводени од претседателот на  градското ловечко друштво, господин Сезаи Јешилкурт. Домаќините им приредиа добро другарување, добар лов по планините околу Охрид и во општина Дебрца, богати со диви свињи, срни, зајаци, еребици, диви кокошки…

Огненоски додава дека гостите, засега, ги сместуваат по охридските хотели. Но, на пат се да го изградат својот ловечки, скромен хотел, како што додава, на вистинското место-  на над 1.500 метри надморска височина, среде планина. Ловечки дом се гради на патот кој од Велмеј, преку Брежани, води до Илинска Црква, на превојот кон Демир Хисар. Веќе е ставен под покрив, врати и прозорци. И сето тоа, со свои средства, со ударничка работа и со малку донации.

Кога градиш куќа и сам Господ помага, вели страствениот ловец, спортист и општественик Даниел Огненоски.

Ловците од Охрид изградија ловечки дом и кај месноста Зенго Чешма, на превојот од Сирула, на охридската, кон Злести на дебрчата страна. Ловечки дом ќе гради и подружницата во Мешеишта, додека за Охрид,  во план е таква намена, со простор за сместување, да се адаптира во кругот на охридската касарна, во делот на некогашната војничка кантина. За тоа се водени разговори и е добиена начелна согласност од градоначалникот на Охрид Кирил  Пецаков, бидејќи тој дел е во сопственост на градското јавно претпријатие „Билјанини Извори”.

Иако е тоа посебна тема, и во оваа прилика, треба да се напомене дека Охрид, преку “Питон” , на планината Караорман – се до Осогово,  го има истоимениот резерват и ловиште по сите светски стандарди, се до сместувачки простор и услoви за такавиканиот врвен,  дипломатски лов. На 15 илјади хектари површина ловиште и во негов состав – заградено одгледувалиште на 55 хектари, може да се лови крупен дивеч : диви свињи, срни и елени, ситен дивеч-како зајаци, еребици и слично. Покрај европскиот елен, тука го има и еленот-лопатар, а посебна атракција е берберската овца.

Веле Митаноски