Интернет-порталот „Република“ (republika.mk) се закити со највредното признание на изборот за „Сајт на годината“ во Македонија што денеска се одржа во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје. Во конкуренција од над 500 домашни веб-адреси номинирани од публиката њуз-порталот на печатениот магазин „Република“ се искачи на врвната позиција.
– Интернет-технологиjата и веб-страниците денес несомнено се алатка што овозможува наjбрза и наjефективна комуникациjа, пренос и презентациjа на информации и содржини. Досегашните манифестации, вклучително и годинешнава, потврдуваат дека Република Македониjа не заостанува зад светските трендови и иновации во сферата на веб-технологиjата. Македонските саjтови според квалитетот, дизаjнот и функционалноста заслужуваат наjвисоки оценки – истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, во писмото со поддршка на „Сајт на годината“.
Покрај „Република“ победници во засебните категории годинава се: „Факултети“ (според гласови на интернет-посетителите), „Карас фор трејнинг“ (блог), „Екипа“ (спортски), Младински образовен форум (невладини организации), „Сакам книги“ (образование), Управа за јавни приходи (владини / државни институции), „Кајгана“ (мобилен), ВИП оператор (бизнис-корпоративен), „Вработување“ (бизнис-информативен), „Групер“ (е-трговија), „Оф нет“ (забавен), „Нова“(информативен), „Биди таму“ (најиновативен) и „Централа“ (дизајн). Годинава за првпат беше доделена и награда за специјални достигнувања во интернет-просторот во регионот со која се закити „Рајфајзен банк“, компанија што постојано инвестира во подобар квалитет на веб-сервисите.
Во официјална конкуренција за сајт на годината во Македонија беше и најчитаниот информативен портал во регионот OhridNews.
– Целта на „Сајт на годината“ е да ги истакне најдобрите и да ги поттикне сите што се вклучени во создавањето на што поквалитетен македонски веб-простор. Намерата е тој да се развива и на тој начин да стане конкурентен на регионалниот, но и на светскиот пазар. Интернетот полека, но сигурно, станува неразделна компонента од секој сегмент од општествениот живот, а „Сајт на годината“ се обидува да им оддаде признание на сите кои со своите идеи и реализација го држат македонскиот веб-пазар во чекор со останатите – истакнаа од „Медиа солушнс“, компанијата која заедно со системот за онлајн-реклами keepaneye.mk четврти пат ја организираа манифестацијата.
Претседател на жири-комисијата годинава беше магистерот по бизнис-менаџмент, Алберт Муслиу, кој е и извршен директор на Асоцијацијата на демократски иницијативи. Оваа организација е со седиште во Република Македонија и има канцеларии во четири земји од Југоисточна Европа. Членови на жирито се и: Гораст Цветковски, актер по професија, како и пасиониран програмер и веб-дизајнер и „зависник“ од видеоигри; Кире Трајковски, дипломиран инженер по информатика со над 16-годишно искуство во новите медиуми и интернет маркетинг-индустријата, а од 2011 година сопственик е на агенцијата „Вертиго НМЕ“; Мики Стефаноски, мултидисциплиниран графички дизајнер искуство подолго од една деценија и арт-директор во маркетинг-агенцијата Saatchi & Saatchi; Никола Анчевски, медиа-директор во Direct Media, генерален секретар на ИАБ Македонија и член на жирито на Superbrands.
На „Сајт на годината 2013“ презентации имаа Веселин Ангелов, претставник на компанијата “Гемиус” за Бугарија и Македонија, Иван Станковиќ, сопственик на агенциите „Комунис“ и „Медиа С“ и Игор Поповски од порталот „Црно-бело“. Се одржа и панел-дискусија за предизвиците на дигиталниот-маркетинг во Македонија и регионот, во која учество зедоа Дарко Лазаревски од „Кајгана“, Сашка Николовска од маркетинг-агенцијата „Футура“, Виктор Дано од it.com.mk и Сашо Димитриоски од „Марнет“.
OhridNews