Неколку стари охридски куќи кои се белег на охридската староградска архитектура годинава ќе добијат реставрирани фасади.

Според Годишната програма на Министерството за култура за 2016 година, Конзерваторско-реставраторски работи ќе се извршат на фасадата на Куќата на Димзови, а ќе биде конзервирана и фасадата на Куќата на Маринови и Куќата на Драги Рауник кои се лоцирани на улицата „Самоилова“. Исто така предвидено е и статичко зајакнување и конзервација на куќата од Коле Котуше, а ќе биде завршена и шестата фаза од конзервацијата на куќата на Ајри Доко.

Исто така стручните тимови на Завод и музеј од Охрид,  годинава ќе треба да изработат Kонзерваторски проект за непосредна заштита на Куќата на фамилијата Петанови, која е лоцирана на улицата „Димитар Влахов“ и која претставува значаен објект од градската архитектура.

Во рамки на Годишната програма, во текот на оваа година ќе бидат издвоени средства за Санација и конзервација на дел од бедемските ѕидови од подградието на Самуиловата тврдина во Охрид – сектор 5. Исто така предвидено е да се извршат систематски археолошки истражувања на археолошкиот локалитет Горна Порта и на археолошкиот локалитет Самуилова тврдина – Цитадела.

Во текот на 2016 година планирано е да биде завршена и третата фаза од Конзерваторско-реставраторските работи на живописот од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга и петтата фаза од Конзерваторско-реставраторските работи на живописот од црквата „Св. Богородица Захумска“ во село Трпејца. Исто така екипите на Завод и музеј годинава треба да извршат и истржувања на Локалитетот  Рајца-Манастириште во село Љубаништа и да изготват Нумизматичка циркулација на Плаошник во римскиот период од Август до Константин I.

OhridNews
.