Заврши реставрацијата на куќата на Бојаџиеви во заштитеното старо јадро на градот изградена во типичен охридски староградски стил. Реставрацијата на оваа куќа прогласена за споменик на културата, е дел од владиниот проект за обновување на објекти од културно историско значење.
–Се работи за раритетен споменик на културата со автентична староградска архитектура и уникатен ентериер кој е сочуван и конзервиран, а во кој има и голем број слики и фотографии кои говорат за семејството Бојаџиеви. – изјави при посетата на реставрираниот објект министерката за култура Елизабета Канческа Милеска.
Слободан Арнаудов, потомок на Бојаџиеви изрази благодарност до институциите за покажаната грижа, посочувајќи дека ова е втора реконструкција на оваа куќа.
-Првата реконструкција беше во 1951-52, но времето си го направи своето. Мислам дека сега фамилијата ќе треба да ја зачува оваа куќа.-рече Арнаудов, кој своето детство го поминал токму во оваа куќа.
Слободан Арнаудов
Реставрираната куќа на Бојаџиеви ја посети и градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој најави дека грижата за зачувување на старото градско јадро ќе биде еден од врвните приоритети на локалната самоуправа.
Покрај куќата на Бојаџиеви, ќе бидат реконструирани и други куќи со автентична охридска архитектура, но ќе бидат испитани и сите случаи за кои има големи поплаки од жителите на стариот дел на градот, најавија од Министерството за култура. Министерката Канческа Милеска изјави дека има претставки за градби во стариот дел на Охрид, за кои жители се жалат дека отстапуваат од некогашните и во висина и во габарит.
– Институциите ќе проверат и ќе видат дали се е во согласност со законските процедури и дали надлежните институции дале согласност за доградба, надградба или друго, а има и инспекторат кој што ќе ги утврди фактите и ќе преземе соодветни мерки. Ние како министерство можеме да утврдиме дали нашите институции дале соодветна согласност и ги почитувале пропишаните процедури, а има други надлежни институции кои доколку утврдат отстапки во градбата кај некој објект тој може и да се сруши, рече министерката за култура.
Таа посочи дека постапката за еден пријавен случај во старото градско јадро е при крај и дека наскоро министертвото за култура ќе излезе со конкретна информација во јавноста за истиот.