Ревија на народни носии насловена „Од ризниците на ансамблите“ ќе се одржи во недела, 21 септември, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга во организација на културно уметничкото друштво „Илинден“.

На сцената, како што информира Љупчо Милошески, раководител на КУД „Илинден“, ќе продефилираат пет реномирани ансамбли од Македонија со автентични народни носии.

Ансамблите во своите депоа чуваат и на сцената користат автентични и оригинални народни носии, вброени во носии од прва категорија, што е голема реткост на македонската фолклорна сцена. Покрај народните носии, публиката ќе има можност да проследи и сценски настапи на друштвата, вели Милошески.

На годинашната Ревија учество ќе земат АНИП „Орце Николов“ и фолклорен ансамбал „Етнос“ од Скопје, како и културно уметничките друштва „8 Октпмври“ од Крива Паланка, „Илинден“ од Битола и „Мирче Ацев“ од Прилеп, а влезот е слободен.

Целта на организирање на Ревијата е чување, промоција и афирмација на нашето најценето материјално културно наследство, народната носија и накит, и поттикнување на младите генерации да према тоа имаат други погледи и чувство за истото да го собираат, чуваат и презентираат, посочува Милошески.

Додава дека интересот изминативе години и кај публиката и кај учесниците е голем, а изненадува фактот што секогаш се млади луѓе.

Инаку, ревијата е поддржана од Министерство за култура и туризам и е вбројана во проектите од национален интерес во културата.

Ревијата се организира од 1971 година, а од пред 5 години (после 7 годишна пауза) ја возобнови КУД „Илинден” – Струга со Центарот за култура во Струга. Од возобновувањето до денес, ревијата секоја година е со различна тематика.

Н.С.Ј.