
Добитници на овогодишната награда се хрватскиот автор Валерио Орлиќ – за особени заслуги во развојот на македонско-хрватските книжевни релации, и македонскиот писател Васил Тоциновски – за личниот придонес во примената, развојот и афирмацијата на македонскиот литературен јазик во Македонија и во светот.
Валерио Орлиќ (Риека, 1967) има објавено 20 книги за деца и возрасни. Објавува во меѓународни списанија во Хрватска и странство. Голем број негови песни се преведени и компонирани на повеќе светски јазици. Објавен е во повеќе зборници и антологии. Иницијатор е и основач на Хрватското книжевно друштво – Риека, член е на Друштвото на хрватските писатели и Друштвата на хрватските хаику поети на Хрватска и Риека.
Васил Тоциновски (1946) е поет, раскажувач, романсиер, автор за деца и млади, критичар и есеист, книжевен историчар, антологичар и преведувач. Докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје, две децении работел во Телевизија Скопје, од 2008 до 2014 година го раководеше Лекторатот за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека. Автор е на повеќе од шеесетина книги белетристика и книжевна историја, а приредил над осумдесет наслови од македонското публицистичко и книжевно наследство. Негови книги и творби преведени се на дваесетина јазици…
Наградата „Струшко слово“ на Орлиќ и Тоциновски ќе им биде врачена на завршниот дел на манифестацијата „Струшките книжевни средби 2015“, кои ќе се одржуваат од 2-ри до 4 јули во Струга.
OhridNews
Извор: „МИА“











