Редакцијата на ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга во рамки на меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби 2015“, за првпат ја доделува меѓународната награда „Струшко слово“.

Добитници на овогодишната награда се хрватскиот автор Валерио Орлиќ – за особени заслуги во развојот на македонско-хрватските книжевни релации, и македонскиот писател Васил Тоциновски – за личниот придонес во примената, развојот и афирмацијата на македонскиот литературен јазик во Македонија и во светот.

Валерио Орлиќ (Риека, 1967) има објавено 20 книги за деца и возрасни. Објавува во меѓународни списанија во Хрватска и странство. Голем број негови песни се преведени и компонирани на повеќе светски јазици. Објавен е во повеќе зборници и антологии. Иницијатор е и основач на Хрватското книжевно друштво – Риека, член е на Друштвото на хрватските писатели и Друштвата на хрватските хаику поети на Хрватска и Риека.

Васил Тоциновски (1946) е поет, раскажувач, романсиер, автор за деца и млади, критичар и есеист, книжевен историчар, антологичар и преведувач. Докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје, две децении работел во Телевизија Скопје, од  2008 до 2014 година го раководеше Лекторатот за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека. Автор е на повеќе од шеесетина книги белетристика и книжевна историја, а приредил над осумдесет наслови од македонското публицистичко и книжевно наследство. Негови книги и творби преведени се на дваесетина јазици…

Наградата „Струшко слово“ на Орлиќ и Тоциновски ќе им биде врачена на завршниот дел на манифестацијата „Струшките книжевни средби 2015“, кои ќе се одржуваат од 2-ри до 4 јули во Струга.

OhridNews

Извор: „МИА“