Општина Охрид нема донесено урбанистичките планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36.505 илјади денари е без Програма и претходно обезбедена согласност од Советот, се посочува во извештајот на Државниот завод за ревизија. Податоците се врз основа на ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Охрид за 2024 година.

За 11 населени места/села Советот на општината нема донесено урбанистички планови за село и урбанистички план вон населено место, а за 9 населени места донесени се решенија за одобрување на планска програма за изработка на урбанистички план, но истите сеуште не се донесени. Во дел од населените места ревизијата утврди изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс, за кои не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење, се посочува во извештајот.

Даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години, се потенцира, не се задолжени со данок на имот, a за данокот на имот кој не е платен во пропишаниот рок не се пресметува и наплатува камата.

Надоместокот за уредување на градежното земјиште се пресметува по Одлуки од 1997, 1999 и 2011 година, во кои е утврден процентот на висината на надоместокот по зони од просечна градежна вредност по 1 м2 за нето површина во износ од 17 илјади денари, а зоните не се ажурирани според степенот на уреденост, што влијае на остварените приходи и средствата потребни за уредување на земјиштето, стои во извештајот.

Во постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, се вели, не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се следи наплатата на надоместокот за уредување на правен статус на бесправно изградени објекти кој е на одложено плаќање (12 еднакви месечни рати), така што издадени се решенија со само една извршена уплата.

Иако, Советот има донесено 1.748 одлуки за утврдување на потребата од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти, во рок од пет години, по истите не е постапено. За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност донесени се 4.847 решенија за одбивање, но не се преземени мерки истите да бидат отстранети иако овластените градежни инспектори за период од 2019 – 2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби.

Со ова, како што е наведено, не е испочитувана обврската предвидена со „Планот за заштита на културно наследство“ за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк „Галичица“, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот,

Во извештајот се наведува и дека не е донесен урбанистички план за крајбрежјето (појасот со ширина од 50 m, сметано од границата на КП 1/1 „Охридско Езеро“), а за Годишната програма за поставување на урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење/согласност од Управата за заштита на културното наследство.

Во текот на 2024 година, 23 угостителски објекти користат јавна прометна површина без издадено одобрение за поставување на урбана опрема и уплатена комунална такса за користење на просторот, а издадените одобренија иако се однесуваат за период од 3 месеци, се користат за 12 месеци.

Во однос на изградба на општинските патишта, пречистителни станици и линиски инфраструктурни проекти кои согласно Законот за градење спаѓаат во втора категорија нa градби се наведува во извештајот дека не е обезбедено одобрение за градење, градежните активности се изведуваат без изготвен проект и проектна документација, а техничките спецификации/премер пресметки се изработени од страна на надлежните служби. По овој основ во текот 2024 година исплатени се вкупно 49.431 илјади денари.

Реализацијата на програмските активности од областа на културата е без објавен јавен повик или објава на веб страната на општината и без претходно утврдени јасни критериуми и услови за распределба и користење на средствата. На спортските клубови и спортски здруженија кои не аплицирале на јавен повик доделени се 37.400 илјади денари, (59%) од вкупните средства на Програмата. Од страна на општината исплатени се субвенции за јавните претпријатија во вкупен износ од 36.505 илјади денари односно 592 илјади евра, без претходно обезбедена согласност од Советот и донесена Програма за субвенционирање, се вели во извештајот.

Од Државниот завод за ревизија потенцираат дека за  надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

OhridNews