Учениците од гимназиско, средно уметничко и средно стручно образование со четиригодишно траење, во теков на наредните неколку дена ќе треба да ги добијат резултатите од  екстерните испити од државната матура, полагани во јунскиот испитен рок. Секој кандидат за сопствените резултати ќе може да се информира на веб страницата www.matura.gov.mk, а оние матуранти кои  сметаат дека не се правилно вреднувани ќе имаат право на приговор.

За полагање државна матура беа пријавени 19.052 ученици во 97 јавни и седум приватни средни училишта. Задолжителниот дел на државната матура се спроведе на 9 јуни, а испитот по изборниот предмет беше на 12 јуни. Полагањето  го следеа 230 набљудувачи и 2.000 тестатори.  За подобро иниформирање на матурантите беше публикуван „Водич за државна матура“ на македонски, албански и турски јазик.

Со цел да биде загарантирана тајноста на испитите, годинава за првпат материјалите се дистрибуираа три часа пред полагањето.

Од Министертвото за образование, пред почетокот на полагањата изјавуваа дека очекуваат  годинашната државна матура да има подобри резултати од лани и да го следи трендот на подобрување што беше забележан во претходните четири години.

OhridNews